Завршен проектот „Превентивна заштита и санација на влезните порти на музеј куќата на Робевци“- финансиски поддржан од Министерството за култура.

Дека Охрид е непресушен извор на богато материјално и нематеријално, движно и недвижно и пред се духовно наследство ѝ како целина но и секое место, уличка, куќа, крие некаква приказна и овој пат се покажа и докажа. Имено при работа на портите на куќата на Робевци пронајдени се амајлии чие потекло и значење  понатака ќе бидат цел на проучување на стручен тим составен од повеќе области во заштитата и музејската дејност.

На проектот работеа како раководител на проектот диа Тања Паскали Бунташеска-советнок конзерватор и  стручен тим составен од дипл.инж.технолог-Билјана Митаноска-конзерватор; Оливера Мишева-виш кустос; Ванчо Димоски -конзерватор; Ѓоко Филипоски-надворешен член

Националната Установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, годинава еден од добитниците на Св Климентовата Повелба

Во прекрасниот амбиент на црквата Св. Софија на ден 8 декември 2025 во Охрид се одржа централната манифестација, свечена академија во чест на  „Св. Климент Охридски- Патрон на градот Охрид.

Пред бројните гости од дипломатскиот кор, претставници од верските заедници во државава, пратеници во Собранието на Р. Макдонија, советници, градоначалници на збратимени градови со градот Охрид и бројни граѓани, се обрати градоначалникот Кирил Пецаков

На церемонијата традиционално, беа врачени највисоките општински награди и признанија за врвни достигнувања во сите области од општествениот живот кои се од особено значење и имаат посебен придонес во развојот и севкупниот напредок и афирмација на Општина Охрид, Република Македонија и во Светот.

Највисоката општинска награда за животно дело, наградата „Патрон на градот – Свети Климент Охридски“, оваа година, постхумно се додели на истакнатиот охридски новинар, хроничар, публицист Владо Ангеличин –Жура.

Директорот м-р Горан Патчев во име на Националната Установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, како еден од добитниците на Св Климентовата Повелба ја прими оваа престижна награда за 2025-та година.

Покрај НУ Завод и Музеј Охрид се доделија уште четири повелби на: охридскиот историчар на уметност, Јорданка Матова, музичкото дуо „Силви Бенд“, продуцентот, режисер и музичар  Даниел Јовески и на охридската група „The Backdoor Band“.

Свеченоста беше заокружена со богата културно уметничка програма во која учествуваа еминентни македонски актери, музичари, инструменталисти, солисти и хорови.

Реализиран проектот „Конзерваторско реставраторски работи на живописот од црквата Св. Богородица Болничка“

Во рамки на годишната програма на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид реализиран е проектот „Конзерваторско-реставраторски работи на живописот од црквата Св. Богородица Болничка“, кој е финансиран од Министерството за култура и туризам. Раководител на проектот е м-р Никола Патчев. Со реализацијата на проектот беа извршени стручни конзерваторско-реставраторски интервенции со цел заштита, стабилизација и презентација на живописот, со што се придонесува кон зачувување на културно-историското наследство од исклучително значење за Охрид и поширокиот регион. Работите беа изведени согласно важечките стручни стандарди и принципи на конзервацијата, од страна на стручен тим на конзерватори- реставратори.

Прстенот – симбол на завет, статус, моќ –  од етнолошката ризница на охридскиот музеј

На 5 декември 2025 година во 12 часот во Куќата на Робевци ќе биде отворена изложбата „Прстенот – симбол на завет, статус, моќ –  од етнолошката ризница на охридскиот музеј“.

На изложбата ќе бидат презентирани 80 експонати кои се дел од богатата етнолошка збирка при НУ Завод и Музеј – Охрид. Изработени главно од сребро во филигранска техника и украсени со полускапоцени камења, украсни стакленца и висулци – трепетушки. Тоа се врвни изработки на мајсторите кујунџии од Охрид, Струга и Дебар  кои датираат од крајот на XVII  до средината на XX век. Ќе бидат презентирани машки и женски прстени, прстени печатници со натписи и иницијали, столовати масивни прстени, прстени со кубести глави богато украсени со филигран и украсни камења и стакленца и прстени во вид на бурми.

  Прстенот е задолжителен накит за рацете без разлика на родовата, етничката или класната припадност уште од времињата на најстарите култури и цивилизации. Најзастапен, а некогаш и единствен накит. Покрај брачната фунција, прстенот печатник добива функција како обележје на статусот во рамки на државата, црквата, професијата и семејството. Но, заради неговата мистичност поврзана со неговиот облик на круг, се верува дека прстенот поседува и заштитна, прочистувачка, магиска и лечебна моќ. Тој е накит што се употребува и денес. Како брачен симбол, но и симбол на социјалниот статус, на моќна функција, а особено како одреден стил и мода на украсување. Но, секогаш ќе остане симбол на завет, единство, моќ, авторитет, достоинство и вечност.

Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам во рамки на Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2025 година.  Раководител на проектот – автор на каталогот и концепција на изложбата е Оливера Мишева, виш кустос етнолог во НУ Завод и Музеј – Охрид.

Со овој настан НУ Завод и Музеј – Охрид се приклучува кон чествувањата за патрониот празник на градот Охрид Свети Климент Охридски.