По повод одбележувањето на 24 мај, ден на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, нашата установа се приклучи на прославата со поставка во дворот на црквата каде беа изложени фотографии, копии од 11 икони и фрески од различни периоди на нивното создавање од познати и непознати фрескоживописци во чест на сесловенските просветители и нивните ученици.
Мал е бројот на народи кои можат да се пофалат со големи луѓе за историјата на описменувањето на човештвото. Во нашата и европската историја тоа се светите браќа Константин ( Кирил ) и Методиј. Како создавачи на првото словенско писмо, првите преводи од грчки на словенски јазик тие се трајна вредност на човештвото. Својата дејност ја започнале во Македонија, потоа ја прошириле и надвор од неа, кај Сарацените, Хазарите, кај словените во Моравија и Панонија. Нивното дело и значење го продолжиле нивните ученици и следбеници кои што го продолжиле и заокружиле започнатото дело. За значењето и честа на светите Кирил и Методиј и нивните ученици сведочат илијадници страници литература напишана за нив, како што ќе сведочи и оваа мала изложба што е подготвена во чест на нивниот празник, прикажана низ слика.
….Ако ги запрашате грчките книжевници, зборувајќи: „Кој ви ги создал буквите, или ви ги превел книгите, или во кое време?’’ – ретко од нив тоа го знаат. Но, aко ги запрашате словенските кижевници, зборувајќи: „Кој ви ја создал азбуката и ви ги превел книгите?’’- сите знаат и ќе одговорат: „Св. Константин Филозоф, наречен Кирил, тој ни ја создаде азбуката и ни ги преведе книгите и брат му Методиј… во годината 6363 од создавањето на светот’’…. (Црнорозец Храбар „За буквите’’ – „О писменех’’)








