Во прекрасниот амбиент на црквата Св. Софија на ден 8 декември 2025 во Охрид се одржа централната манифестација, свечена академија во чест на „Св. Климент Охридски- Патрон на градот Охрид.
Пред бројните гости од дипломатскиот кор, претставници од верските заедници во државава, пратеници во Собранието на Р. Макдонија, советници, градоначалници на збратимени градови со градот Охрид и бројни граѓани, се обрати градоначалникот Кирил Пецаков
На церемонијата традиционално, беа врачени највисоките општински награди и признанија за врвни достигнувања во сите области од општествениот живот кои се од особено значење и имаат посебен придонес во развојот и севкупниот напредок и афирмација на Општина Охрид, Република Македонија и во Светот.
Највисоката општинска награда за животно дело, наградата „Патрон на градот – Свети Климент Охридски“, оваа година, постхумно се додели на истакнатиот охридски новинар, хроничар, публицист Владо Ангеличин –Жура.
Директорот м-р Горан Патчев во име на Националната Установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, како еден од добитниците на Св Климентовата Повелба ја прими оваа престижна награда за 2025-та година.
Покрај НУ Завод и Музеј Охрид се доделија уште четири повелби на: охридскиот историчар на уметност, Јорданка Матова, музичкото дуо „Силви Бенд“, продуцентот, режисер и музичар Даниел Јовески и на охридската група „The Backdoor Band“.
Свеченоста беше заокружена со богата културно уметничка програма во која учествуваа еминентни македонски актери, музичари, инструменталисти, солисти и хорови.


