Тимот на наши стручни лица од НУ Завод и Музеј Охрид, заедно со меѓународни и домашни експерти извршија посета на одредени споменици на културата и археолошки локалитети во општините Охрид, Струга и Дебрца, со снимање со дрон, заради мониторинг и евиденција на споменичките добра кои се прогласени за споменик на културата и изработка на ортофото подлоги кои ќе послужат во изработка на ГИС платформа, во рамките на спроведување на проектот со наслов: „Јакнење на капацитетите за управување со културното наследство на Oхридскиот Регион: Обука за развој на бази на податоци и ГИС-платформа за недвижно културно наследство за Заводот и Музеј – Охрид“ во соработка со УНЕСКО.
Како продолжение од минатогодишните активности, во периодот од 19 до 24 мај, се изврши евиденција, инвентаризација, дигитализација со користење на современа технологија за 3Д надворешно снимање со помош на дронови и фотограметрија за изготвување на ортофотографии и топографски карти, со цел да се постави работен план кој ќе обезбеди создавање на ВЕБГИС платформа за недвижното културно наследство и археолошките локалитети од Охридскиот регион.
На ден 22.05.2024 (среда) од 12 – 15 часот во просториите на Универзитетот Св Апостол Павле во Охирд, беше презентирана ВЕБ ГИС платформата со кратка обука од страна на претставник од компанијата Интелегент Нетворк Солушн ДОО Скопје за нејзината употреба и развивање за вработените односно корисниците од НУ Завод и Музеј – Охрид. На настанот покрај меѓународните експерти д-р Ранд Епих од САД и Татјана Мијатовиќ од БиХ, чест ни направи и професор д-р Устијана Речкоска-Шикоска Универзитетот „Свети Апостол Павле“ и архитектот Анастасија Талевска, потоа Бојан Танески виш кустос археолог и Татјана Стојоска Видовска, археолог, м-р Љубица Тасеска Блажеска, виш конзерватор, Катерина Велкоска, историчар на уметност, Иван Малезанов, дипломиран археолог, присуствуваа од колегите од НУ Завод и Музеј Охрид и м-р Горан Патчев, виш конзерватор одговорен за реализацијата на проектот.






