Музејско-културен центар "Лапидариум"

Музејско-културен центар "Лапидариум"

Адреса:
Ул. “Цар Самоил” бр. 62, 6000 Охрид.


Google map 


По повод јубилеите “485 години од постоењето на општиот музеј на Охридската архиепископија” (1516 година) и “50 години од формирањето на Народниот музеј во Охрид” (1 мај 1951 година) како и по повод Светскиот ден на музеите, 18 мај, изграден е и промовиран Музејскиот културен центар “Лапидариум” во Охрид, прв од ваков вид во Република Македонија.

Овој објект е лоциран и вклопен во постоечките висински разлики на просторот од западното двориште на Куќата на Робевци, во дворното место на зградата во која бил формиран (односно обновен) музејот во Охрид.

Имајќи ја предвид новата стратегија за развој на културните дејности во современи услови, односно, во услови кои ги диктира, создава и налага новото време, НУ Завод и Музеј-Охрид, покрај другите големи потфати, во милениумската 2000-та година го започна, а во 2001 го реализира и проектот за формирање и изградба на Музејскиот културен центар.

Целта беше, секако, да се вклучиме во стратешкиот контекст на културниот туризам, да го анимираме не само претходно “мртвиот” музејски простор, туку и да се обидеме од овој аспект да ги привлечеме граѓаните на Охрид, посетителите на Охрид од другите места и градови на Македонија, да ја збогатиме туристичката понуда на нашиот град пред домашната и странската туристичка јавност и на тој начин да го презентираме Охрид и Македонија пред светот.

Намената и функцијата на музејскиот културен центар “Лапидариум” е проектирана екстериерно и ентериерно делумно како вистински лапидариум каде се презентираат епиграфски споменици и други оригинални артефакти. Архитектонскиот изглед е целосно вклопен во околниот музејски простор со вградени и поставени оригинални камени и мермерни елементи кои припаѓаат на античкиот и ранохристијанскиот период.

Ентериерниот простор е опремен со современи елементи за да служи како центар за презентација и продажба на пропаганден и стручен публикуван музејски материјал и презентација на значајни и атрактивни сувенирски предмети изработени како копии од оригинални археолошки, етнолошки, нумизматички и други видови уметнички предмети.

Музејскиот културен центар овозможува и организирање на други културни настани (изложби под ведро небо, камерни, музички или драмски претстави, монодрами, рецитали и др.).