Галерија на икони Охрид

Галерија на икони


Адреса: Ул. “Климентов Универзитет” бб, 6000 Охрид


Работно време:

Зимски период: од 01 Ноември до 30 Април од 09:00 до 14:00 часот, неработен ден понеделник.
Летен период: од 01 Мај до 31 Октомври од 09:00 до 17:00 часот неработен ден понеделник

Google map  Website 


Објектот на Галеријата на икони-Охрид се наоѓа во амбиенталната целина на црковниот комплекс “Св. Климент” (Св. Богородица Перивлепта), наспроти главниот влез од црквата.

Комплексот со векови наназад имал изразито религиозен и просветителски карактер. Во дворот на црквата во 1841 година било изградено ново училиште за вишите класови по нацрти на Константин Робев, а во 1845-1850 уште едно класно училиште пред црковната врата на митрополијата, на местото од урнати редови на манастирски ќелии. Ова, второто изградено училиште е всушност објектот во кој денеска е сместена нашата Галерија на икони. Со децении, во турско време (до 1912 година) и натака, во времињата на разни општествено-политички доминации на овие простори, овој објект и целиот комплекс “Св. Климент” служел за разни намени, главно за потребите на Охриѓани и, особено, на Охридските првенци во остварување на сопствените идеали.

Познато е дека за време на Втората Светска војна во овој објект била сместена градската библиотека. По војната, објектот, кој меѓу Охриѓани е познат под името “забавачница”, служел како фискултурна сала за учениците од осумгодишното училиште “Св. Климент Охридски”, а се користел и за разни други собири и приредби. Од 1949 до 1954 година, професионалниот Охридски театар тука ги подготвувал и изведузал своите драмски претстави.

Со изградбата на новото осумгодишно училиште “Св. Климент Охридски” на Дебој, објектот “забавачница” е предаден на користење на Заводот и Музеј-Охрид.

Во периодот помеѓу 1981 и 1983 година, објектот што се наоѓа во дворот на црквата, наспроти нејзиниот влез, бил реконструиран и ревитализиран во современа Галерија на икони, каде сега се презентирани највредните примероци од Охридската збирка кои, инаку, за прв пат биле изложени во надворешната припрата на црквата Св. Богородица Перивлепта во 1961 година по повод XII Византолошки конгрес што се одржал во Охрид.

Во 2000 година, по повод големиот јубилеј на христијанството, Галеријата на икони во Охрид беше преадаптирана, при што беше направена нова концепција на збирката и беа осовременети просторните, безбедносните и микроклиматските услови.