Управна зграда "Радничка"

Адреса:
Ул, “Боро Шаин” бр. 10, 6000 Охрид
Работно време:
од Понеделник до Петок од 07:30 до 15:30 часот

Google map 


Во времето кога Охрид и дел од Македонија биле во составот на Кралството Југославија (по 1919 година), во градот биле формирани разни друштва и организации за анимирање на охридската младина. Едно од нив било и женското друштво “Св. Климент”, во кое членувале девојки од посиромашните слоеви граѓани. Иницијатор за негово формирање била сопругата на прота Станко Петровиќ, Драга, викана “протиница”. Така, во 1922 година, било отворено училиште под името “Женска занатска школа “, со времетраење на школувањето од 5 години. Интересот за ова училиште бил голем, особено и поради тоа што покрај предметите за општо образование биле застапени и стручни предмети за кроење, шиење, везење, плетење, готвење и др.

Услов за упис во ова училиште бил претходно ученичките да имаат завршено основно четиригодишно образование. Во прво време наставата се одвивала во приватните куќи на неколку охридски семејства (Бандевци, Топалчевци, Филевци) и во Митрополијата, но подоцна се јавила потреба за подобри услови и изградба на посебна училишна зграда.

За таа цел, на иницијатива на Драга Петровиќ и женското друштво “Св. Климент” била покрената голема акција за собирање на доброволни парични прилози од Охрид и цела тогашна Југославија, како и донации од наши печалбари во Америка. Меѓу донаторите биле и повеќе видни охридски личности, меѓу кои: адвокатот Демостен Манев, трговецот Анастас Чорбев, книжарот Никола Герман, Јонче Паунче и други, а најпознат донатор бил големиот научник и вљубеник во Охрид, Михајло Пупин, тогаш професор во Америка.

Училиштето било изградено во 1929 година на просторот од изгорената куќа на познатото охридско семејство Паунчевци во Варош. Со изградбата раководел познатиот инжењер Димитар Симонче, но не се знае дали истиот бил и проектант на зградата.

Прв директор на училиштето била образованата Драга Петровиќ која го обезбедила и потребниот, стручен, наставен кадар. Подоцна директор била охриѓанката Марица Масин. Во текот на учебната 1943/1944 година во оваа зграда биле сместени и гимназиските паралелки бидејќи постоела опасност од бомбардирање на старата гимназиска зграда.

По завршувањето на војната училиштето ја продолжило работата сѐ до неговото затворање во 1959 година со акт на Собранието на општина Охрид.

Од 1959 година во зградата се сместени дел од паралелките на основното училиште “Св. Климент Охридски”, а од 1961 до 1964 година тука било сместено новоотвореното средно економско училиште, а од 1964 година функционирала и како ученички интернат. Со изградбата на училишна зграда со интернат за средното угостителско училиште во 1966 година, т.н. “Радничка школа” е напуштена и руинирана сѐ до 1973 година, кога е предадена на користење како управна зграда на Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј-Охрид, а во замена за зградата на старото Резбарско училиште, адаптирано од страна на Народниот музеј-Охрид во изложбен простор за потребите на поставката “Словенска писменост и култура”, отворена во 1966 година, во чест на 1050 годишнината од упокојувањето на св. Климент Охридски.

Зградата “Радничка”, е градена во духот на класичниот академизам, со нагласена хоризонтала и симетрија. Највпечатлива е јужната фасада, каде на вториот кат, преку целата ширина на објектот е изведена нагласена хоризонтала од балкони и лоѓии со ограда од керамички балустради, завршени со стилизирани тимпанони со нагласени венци. Тимпаноните се потпираат на два пара столбови завршени со едноставни, строги капители. Делот кај балконите е вертикално одвоен со пиластри помеѓу прозорците, кои завршуваат со строги капители. Под балконите и лоѓиите изведени се конструктивни и декоративни волути. Во најгорниот дел на јужната фасада, во средината е изведен елемент за ѕвоник со ѕвоно.

Како објект од класичниот академизам, оваа зграда поседува архитектонска вредност, како пример за влијанијата на нео-стиловите кои допирале од Европа на овие простори. Како таков, објектот поседува вредности поради кои бил валоризиран како културно наследство од почетокот на ХХ век и со Решение од 15. 04. 1987 година ставен под заштита на законот.

Денес во него се сместени административните и други простории на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид