Самоилова тврдина

Работно време:
Зимски период: од 01 Ноември до 30 Април во една смена од 09:00 до 15:30 часот, неработен ден: понеделник
Летен период: од 1 Мај до 31 Октомври од 09:00 до 15:30 часот прва смена, и од 13:30 до 20:00 часот втора смена, неработен ден: понеделник

 

Охридската тврдина, симболот на градот без кој не може да се замисли неговата урбанистичка физиономија и историја е една од најголемите средновековни фортификациски градби во Македонија. Со своите утврдувања и ѕидини го зафаќа целиот охридски рид. Од сите страни, со исклучок на јужната, која е свртена кон езерото, ритчестиот дел на градот бил заштитен со високи ѕидови и кули во должина од три километри, сè до близу охридското пристаниште.

Во најстарите извори кај Полибиј, во кои за прв пат се споменува античкото име на Охридското Езеро, се укажува на фактот дека при првата воена акција на овие простори, македонскиот крал Филип II наредил да се изгради утврдување на ридот над езерото.

Најстариот историски податок за градот Лихнид (античкото име на Охрид) и самата тврдина потекнува од античкиот историчар Ливиј, од 209 година п.н.е., каде се говори дека тврдината веќе била изградена и функционирала во сите пресудни моменти од историјата на градот. Хроничарот Малх (Малала) во 478 година забележал дека вака утврдениот град имал силна одбранбена моќ поради што остроготскиот крал Теодорих Амалеецот, во својот воен поход кон Нов Епир не успеал да го освои Лихнид “затоа што градот лежел на утврдено упориште и изобилувал со извори меѓу ѕидиштата”.

Остатоците од таа најстара тврдина се потврдени со археолошките ископувања кога се констатирани камени блокови, наредени од внатрешната и надворешната страна покрај северниот бедем на денешната цитадела, во правец југоисток-северозапад.

Низ историјата тврдината била многу пати уривана, преградувана и доградувана така што таа носи белези од речиси сите историски епохи кога со Охрид господареле римјаните, византијците, словените и османлиите. Меѓутоа, се смета дека најголемиот дел од ѕидовите на цитаделата и подградието, заедно со зачуваните кули, датираат од времето на царот Самоил, од 976 до 1014, а потоа и на неговите наследници до 1018 година, кога Охрид бил престолнина на првата држава на македонските словени, заради што денес тврдината е позната како “Самоилова крепост”.

По целосната пропаст на ова царство и повторното потпаѓање под византиска власт, императорот Василиј II целосно ја разурнал тврдината. Подоцна, веројатно византискиот цар Алексиј I Комнен повторно ја обновил, а и во втората половина на XIV век, во времето на владеењето на големиот жупан Андреа Гропа со охридскиот крај, помеѓу 1371 и 1385 година, цитаделата била повторно обновена.

По турското освојување на Охрид, во тврдината била поставена воена посада, но таа веќе не претставувала објект каде што се случувале важни настани за историјата на градот.

Со своите бедеми и утврдени кули таа го зафаќа целиот охридски рид што се издига до 100 метри над нивото на езерото. Од сите страни, со исклучок на јужната што е свртена кон езерото, градот е заштитен со високи ѕидови и одбранбени кули во должина од околу три километри што се протегаат сè до охридското пристаниште. Височината на бедемите е различна, од 3 до 16 метри, во зависност од конфигурацијата и пристапноста на теренот.

Покрај основната функција за одбрана од непријателите, тврдината служела и за живеење. Нејзиниот централен дел или цитаделата, е поделен со еден ѕид на два дела од кои во едниот живеел владетелот, а во другиот биле сместени војниците. Од надворешната страна ѕидот на овој простор е зајакнат со ред кули од кои најголемата и најјаката е поставена на најслабата точка на тврдината, а импозантен е и влезот во цитаделата што е утврден со две полукружни одбранбени кули.

Вториот дел од тврдината се состои од широк заштитен ѕид околу подградието во кое живееле дворјаните со нивните семејства.

Во градот се влегувало низ три порти: Горна Порта, во непосредна близина на црквата Св. Богородица Перивлепта и античкиот театар, Челна Порта, кај денешната црква Св. Богородица Челница и Долна Порта, што се наоѓа на педесетина метри од брегот на Охридското Езеро, во близина на црквата Св. Никола Болнички. Од сите нив во целост е зачувана само Горна Порта во која како градежен материјал се употребени мермерни надгробни споменици со грчки и римски натписи и други елементи кои потекнуваат од античките градби во градот.

Историската улога на Самоиловата тврдина завршува со одметникот од централната османлиска власт Џеладин-Бег, кој како самостоен феудалец владеел со Охрид во крајот на XVIII и првите децении на XIX век.

Тој бил последниот што извршил поголеми интервенции на бедемите од цитаделата и што ја користел за одбрана и живеење. Во јужниот дел на цитаделата, во 1808 година бил изграден неговиот дворец, познат под името Горни Сарај. Овој дворец, за чија изградба бил употребен речиси целокупниот градежен материјал од урнатиот сарај на Исмаил-паша, кој пак бил изграден со преадаптација на палатата на Охридската архиепископија што се наоѓала јужно од катедралната црква Св. Софија, на просторот од денешното Сараиште, бил урнат веднаш по бекството на Џеладин-Бег од Охрид во 1830 година.

Оттогаш наваму Самоиловата тврдина скоро два века беше оставена на забот на времето сé до 2000 година кога започнаа досега најголемите истражувачки и конзерваторско-реставраторски зафати при што беа изведени систематски археолошки ископувања на целиот простор од цитаделата и беа санирани, конзервирани и реставрирани бедемите и кулите на нејзиниот централен дел.