Праисториска наколна населба во Заливот на Коските кај

Градиште на Охридското Езеро

Наколните надводни живеалишта како начин на човечко егзистирање во специфична микросредина се особено карактеристични за праисторискиот период и тоа од времето на неолитот-младото камено доба, енеолитот-бакарното доба, бронзеното и железното време.

Во 1977 година беа извршени првите подводни археолошки истражувања во Македонија на локалитетот Плоча Миќов Град, во Заливот на Коските, покрај јужниот брег на полуостровот Градиште, близу селото Пештани.

На длабочина од три до пет метри беа откриени многубројни дрвени колци закачени во езероското дно и многуброен движен археолошки материјал со хронолошка припадност на крајот од бронзеното и почетокот на железното време, односно, од 1200 година п.н.е. до 700 година н.е. Се претпоставува дека оваа и другите слични населби на Охридското Езеро припаѓаат на времето кога почнале да се профилираат првите племенски популации, односно, на времето на егзистирање на Бригите, најстарата племенска заедница од овие краишта, која е, всушност, составен елемент на старомакедонскиот етнички супстрат.

Истражувачите на дното од езерото евидентираа 6000 дрвени колци во истражувачките кампањи изведувани повремено од 1997 до 2005 година.

Врз основа на премерувачките зафати на габаритниот простор од населбата констатирано е дека таа се простирала на површина од околу 8500 м2. Остатоците од населбата се откриени на десетина метри од брегот на Заливот на Коските, на јужниот брег од полуостровот Градиште, во должина од 155 метри (запад-исток) и 55 метри (север-југ). Била изградена на платформа поставена на дрвени колци забиени во дното на езерото, а со дрвен мост населбата била поврзана со копното. Истражувањата покажаа дека на дното на езерото на просторот од оваа населба има впечатлива концентрација на цели, а особено на фрагментирани керамички садови, камени артефакти и фрагментирани животински коски. Во рамките на движниот археолошки материјал особено се присутни кружни керамички плочки со различен дијаметар кои имаат два, три, или четири кружни отвори. Се претпоставува дека овие предмети биле користени како риболовен прибор на тогашните жители на населбата. Од керамичките предмети присутни се исто така разни форми на пршлени, конусни и биконусни, како и предмети за ритуални потреби-жртвеници. Камените орудија се главно фрагменти од рачни мелници за жито, како и цели, измазнети елипсовидни камени предмети кои сигурно служеле како алатки за перење на облеката. Меѓу многуте фрагменти од коски на домашни животни, присутни се и фрагменти од еленски рогови кои најверојатно служеле како алатки.

Во рамките на овој музејски комплекс на зарамнетото плато е презентирана и тврдина-римски кастел од III век н.е. кој овозможува да се разгледа и едно друго време од македонската историја и археологија.

Комплексот содржи пристапен објект со постојана изложба на откриените артефакти и кафе-бар, база за подводна археологија и развивање на подводен туризам, наколна населба со 24 реконструирани праисториски куќи на дрвена платформа над езерската вода, повеќе реконструирани полуотворени градби во рамките на кастелот (во вид на видиковци за одмор на посетителите) и други содржини кои го збогатуваат вкупниот амбиент на водите и брегот на Охридското Езеро.