Археолошка збирка

Археолошката збирка, всушност, се состои од три главни збирки предмети според хронолошката поделба на движниот археолошки материјал, две збирки движни предмети од помошните дисциплини на археолошката наука и уште една збирка која е формирана поради специфичноста на движниот материјал, или вкупно шест збирки, односно, подзбирки:

  • Праисториска збирка
  • Античка збирка
  • Средновековна збирка
  • Нумизматичка збирка
  • Збирка на епиграфски и други камени споменици
  • Збирка на златни и позлатени предмети од сите периоди

Праисториска збирка

Овде влегуваат движни археолошки предмети од праисториската епоха: неолитот, енеолитот, бронзеното време, постарото железно време и архајскиот период. Перспективно од оваа збирка може да се формира посебна подзбирка на археолошки предмети од Охридското Езеро (Подводна археологија). Овде главно влегуваат археолошки движни предмети на просторите од праисториските палафитни населби констатирани под водите на Охридското Езеро, на реката Црн Дрим и покрај езерските води (некогаш мочуришни), како и други предмети од античкиот и средновековниот период, откриени, исто така, под водите на Охридското Езеро.

Во депоaтa на институцијата Праисториската збирка на археолошки предмети зазема 1/4 од вкупниот фонд на археолошки предмети (заедно со студискиот материјал).

Античка збирка

Во оваа збирка влегуваат движни археолошки предмети од античките периоди: раноантичкиот (класичен) период, македонско-хеленистичкиот период, римскиот период и доцноантичкиот период (IV век пред н.е. – IV/V век н.е.).

Во депоите на институцијата Античката збирка на археолошки предмети зазема 1/3 од вкупниот број на на археолошки предмети (заедно со студискиот материјал).

Средновековна збирка

Овде влегуваат движни археолошки предмети од раниот, развиениот и доцниот среден век (Отоманскиот период) (VI – XIX век, со исклучок на движниот материјал од XIX век кој е третиран во Етнолошкото одделение на институцијата).

Во депоaтa на институцијата со музејска каталогизација Средновековната збирка на археолошки предмети зазема 1/3 од вкупниот број на археолошки предмети (заедно со студискиот материјал).

Нумизматичка збирка

Во оваа збирка влегуваат монети (поединечни и остави) од сребро и бронза од античкиот и средновековниот период, како и од доцниот среден век (метални и книжни пари). Со археолошки истражувања или со откупи вкупниот фонд на овој вид музејски предмети изнесува околу 20.000 примероци.

Збирка на епиграфски и други камени споменици

Во оваа збирка влегуваат епиграфски споменици, камени и мермерни, цели или фрагментирани уметнички и градбени елементи од античкиот и средновековниот период.

Вкупниот фонд на ваков вид експонати изнесува околу 300 примероци.

Збирка на златни и позлатени предмети од сите периоди

Во ова збирка влегуваат златни и позлатени движни археолошки предмети од праисториското железно време и архајскиот период, античкиот и средновековниот период, со доминантна бројност на предмети од македонско-хеленистичкиот период. Во оваа збирка влегуваат и златните и позлатени монети од античкиот и средновековниот период.

Вкупниот број на овој вид на археолошки предмети изнесува 448, сите стручно обработени, музејски каталогизирани и публикувани.