Музеј на вода

Музеј на вода

Адреса:
с. Пештани, Градиште, 6000 Охрид
Google map

Подводните археолошки истражувања на локалитетот "Плоча Миќов Град" во Заливот на Коските, во водите на Охридското Езеро, покрај јужното крајбрежје на полуостровот Градиште, близу рибарската и туристичка населба Пештани, се реализираа во кампањи секоја година од 1997-та, до 2005 година, а во 2007-2008 година беше изведена реконструкција на дел од населбата со што се презентира атрактивен археолошки локалитет на атрактивен простор од езерото. Со овие истражувачки активности за првпат во Македонија се официјализира подводната археологија како гранка на археологијата која се занимава со остатоци, заштита и презентација на подводното културно наследство, кое поради разни околности во минатото и денес останало под водените површини на македонските езера. Од досегашните сознанија, особено Охридското Езеро обилува со остатоци од праисториски наколни населби, објекти од антиката и средновековието кои биле потопени во водите, главно поради осцилациите на неговото ниво, како и движни артефакти кои низ минатото се нашле на дното од езерото најповеќе поради риболовни активности или во време на обавување на езерскиот сообраќај низ минатите векови. На локалитетот Плоча Миќов Град откриена е праисториска палафитна (наколна) населба со временска припадност на доцното бронзено и раното железно време, а во текот на досегашните истражувања беа евидентирани 6000 остатоци од дрвени колци во водите на дното од езерото, на длабочина од 3 до 5 метри кои потпирале најверојатно заедничка дрвена платформа на која функционирале дваесеттина праисториски станбени објекти, изградени исто така, од дрво. Со досегашните археолошки подводни активности констатиран е габаритот на населбата, поставена е подводна археолошка квадратна мрежа и реализирани се ископувања на неколку истражувачки полиња. Притоа се собрани многубројни бронзенодопски и железновременски артефакти, главно фрагментирани и цели керамички садови, камени и кремени предмети, помалку бронзени, со мноштво фрагменти од животински коски, меѓу кои има и такви кои служеле како орудија. Локалитетот Плоча Миќов Град во Заливот на Коските денес е атрактивен музејски комплекс кој има повеќе содржини: реконструирана палафитна населба над водите од езерото, римски каструм кој е конзервиран, реставриран и презентиран на највисокото плато од ридот "Градиште", пристапен објект со музејски витрини и објект за реализација на подводен туризам.

© 2017 Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј - Охрид
Developed by Webmaster