Историја

Градот Охрид има вековна традиција на музејската дејност. Познато е дека во црквата Св. Богородица Перивлепта (во народот позната и како Св. Климент), повеќе од два века пред Лувр (1739 година) и Британскиот Музеј (1753 година), цели 400 години, во времето од 1516 до 1916 година опстојувала “ризницата” (музеј) на Охридската архиепископија, што охридскиот музеј го прави еден од најстарите во Европа. Во 1916 година бил откриен печатот на овој општ музеј и истата година, војската на бугарската монархија од него однела во Софија многу драгоцености, меѓу кои и овој печат, кој денес се чува во Црковниот музеј на Светиот синод на бугарската православна црква.

Инаку, како што е општо познато, Охрид бил важен културен центар на македонскиот народ низ целиот Среден век, а црквата Света Софија, катедралата на Охридската архиепископија, еден од најзначајните споменици на средновековната архитектура и уметност во Македонија. По нејзиното претворање во џамија (XV век), исто како и црквата Св. Пантелејмон и уште некои други, соборна црква станала Св. Богородица Перивлепта. Тогаш сите историско-уметнички вредности, односно музејската ризница на старините, биле преместени во оваа црква при што бил формиран еден вид “општ музеј” (музејска ризница) за кој бил направен и споменатиот печат од 1516 година. Најверојатно овој музеј, во изменети услови, функционирал и по укинувањето на Охридската архиепископија (1767) па сѐ до Првата светска војна, кога многу антиквитети со историско-уметнички вредности биле незаконито однесени, меѓу кои се наоѓал и печатот.

Во 1936 година било организирано прибирање на сите предмети со историска и уметничка вредност од Охрид и неговата околија со намера да се создаде фонд за идниот музеј.

Музејската дејност била обновена во време на Втората светска војна, но не во форма на вистинска музејска институција, туку под името Служба за старините во Охрид која била под надлежност на тогашниот Народен музеј во Скопје. Оваа служба се грижела не само за преостанатите музејски вредности од стариот Архиепископски музеј, туку водела сметка и за сите други културно-историски вредности во Охрид, се разбира, во границите на тогашните можности, кога овој дел од Македонија бил под бугарска управа. Прв човек на таа служба бил охриѓанецот Кирил Прличев (синот на големиот поет Григор Прличев) во чие време, покрај другото, започнале и првите археолошки ископувања на Плаошник, односно, откривањето на остатоците од Светикпиментовата црква Св. Пантепејмон во Охрид, во кое време, исто така е откриен и Светиклиментовиот гроб. Откритието го соопштува и подоцна научно го презентира наследникот во Охридската служба за старините, охриѓанецот Димче Коцо.

Конечно, по oслободувањето, на иницијатива на писателот Димче Маленко, се направени и првите чекори во прибирањето на материјали и предмети од историјата, археологијата и од етнологијата од граѓаните на доброволна основа. Одзивот на охриѓаните бил голем бидејќи доброволно ги отстапувале предметите што љубоморно ги чувале со години, така што за кусо време биле собрани околу 700 предмети. Но музејот, како институција, бил основан во јуни 1950 година, кога е донесена Одлука, а на 1 мај 1951 година ширум се отвориле вратите на Народниот музеј во Охрид во просториите на охридската архитектонска “убавица”, Куќата на Робевци (археолошкиот и историскиот дел) и во исто така прекрасната архитектонска староградска градба, Куќата на Уранија (етнолошкиот дел), со што, охридската музејска традиција институционално се возобновува и континуирано функционира до денес.

Во рамките на овој Музеј, во 1952 година се формирал Архивски центар кој по две години, во 1954, се одвоил како посебна институција. Истата, 1952 година, била основана и Уметничка галерија во Охрид како самостојна установа, втора од таков вид во Македонија. Била сместена во куќата на семејството Савинови, а во следната, 1953 година, оваа охридска Уметничка галерија влегува во состав на Народниот музеј како самостоен оддел, заедно со богатата колекција од 88 уметнички дела, главно подарени од Советот за просвета и култура на СРМ и Уметничката галерија од Скопје, а до крајот на 1962 година во фондот на Галеријата вкупно биле собрани 236 експонати-слики, графики и скулптури.

Во 1952 година и Службата за заштита на спомениците на културата префрла во Народниот музеј кој во 1956 година добива ингеренции да се грижи за споменичното движно и недвижно културно наследство во рамките на тогашната Охридска околија, опфаќајки ги и општините Ресен, Струга, Кичево, Македонски Брод и Дебар. Тогаш започнале и првите археолошки рекогносцирања и на тогашната територија на Охридската околија биле евидентирани околу 400 археолошки локалитети и биле преземени повеќе археолошки ископувања.

Во септември 1962 година во Охрид е формиран Општинскиот завод за заштита на спомениците на културата, кој самостојно егзистира десетина години и во тоа време, во соработка со Народниот музеј и Републичкиот завод, превзел и извел заштитни археолошки ископувања и конзерваторски работи на архитектурата и живописот на повеќе споменици.

Во месец март 1973 година двете институции се интегрираат во една, односно во институција која денес функционира под името НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид.

Оваа институција ги врши сите форми на грижа за спомениците на културата: археолошки истражувања, конзервација, реставрација и презентација на археолошките движни експонати и археолошките локалитети, етнолошки истражувања, конзервација и презентација на етнолошките музејски експонати, историски истражувања, обработка и презентација на историски документи, фотографии и други предмети, истражувања и конзервација на дела од областа на историјата на уметноста (иконопис, фреско-живопис), конзервација и презентација на сакрални и профани недвижни споменици на културата, конзервација на стари ракописни и старопечатени книги, собирање, обработка и презентација на ликовни дела од современи автори и др. Со еден збор, НУ Завод и Музеј-Охрид претставува институција која се грижи за целокупното движно и недвижно, сакрално и профано, културно наследство на Охрид и охридскиот регион.

Нашата институција, во соработка со клубот за подводни дејности “Охрид” од Охрид, е пионер во подводните археолошки истражувања во Македонија и иницијатор за формирање на Центар за подводна археологија во Охрид. Во периодот 1997-2001 се реализирани првите подводни археолошки истражувања на Охридското Езеро, но и на Преспанското и Дојранското, како и систематски подводни археолошки ископувања на наколната праисториска населба од бронзеното време на локалитетот Плоча Миќов Град-кај с. Пештани (1907-2001) и уште неколку други подводни археолошки локалитети.

НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид, како институција која се грижи за целокупното културно и духовно наследство на Охрид, ги негува традициите и успешно ја претставува музејската стварност на овие простори, незапирливо ќе го продолжи својот успешен пат и во иднината. Институција од овој вид и калибар е незаобиколна потреба за вредностите од минатото, сегашноста и иднината на градот под Самоиловата тврдина. Од 1979, односно 1980 година, културните вредности на Охрид и регионот, заедно со природните вредности на Охридското Езеро, претставува не само исклучително национално богатство на Македонија, туку и универзално наследство на целиот свет, впишано како едно од само 35-те интегрални, природни и културни богатства на листата на УНЕСКО.


Печатот на Архиепископскиот Музеј во црквата Св. Богородица Перивлепта од 1516 година


Дел од ентериерот на Куќата на Робевци. 1916 година


Некогашната Женска занатска школа-Радничка, денес Управна зграда на НУ Завод и Музеј-Охрид, 1932 година


Народниот Музеј во Куќата на Робевци, 1956 година


Куќата на Савинови во која до 1973 година беше сместен Заводот за заштита на спомениците на културата