Современа уметност

Збирката на дела од Современата уметност, како составен дел од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид, својот историјат го започнува во раните шеесетти години од XX век најпрвин преку распределување на уметничкте дела од некогашните секретаријати и совети за култура, потоа преку подароци од фондот на Моша Пијаде, подароци од Уметничката Галерија-Скопје како и дела-подароци од самите автори или од нивните фамилии.

Збирката на Современа уметност е поделена на два сегменти, македонска уметност и меѓународна уметност и истата содржи дела од различни области на ликовната уметност и тоа: дела од областа на сликарството, од областа на графиката, скулптурата, дела од областа на фотографијата, објектната уметност како и дела од областа на резбата.

Во делот на македонската уметност збирката содржи еден историски пресек на македонската современа уметност од самите почетоци во дваесеттите години на минатиот век, како дел од пошироката тогашна југословенска уметност, уметноста во Македонија после осамостојувањето па сѐ до денес. Помеѓу другите се истакнуваат делата на: Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Борко Лазески, Димитар Пандилов, Димитар Андонов Папрадишки, Томо Владимирски, Вангел Коџоман, Љубомир Белогаски, Василие Поповиќ-Цицо, Петар Мазев, Димитар Кондовски, Петар Хаџи Бошков, Ристо Калчевски, Вангел Наумоски, Спасе Куноски, Симеон Ничев, Васко Ташковски, Борислав Таиковски, Андон Дуков и други.

Во делот на меѓународната уметност во најзначителна бројност се застапени дела од уметноста на поранешните југословенски простори. Збирката содржи дела од автори кои се вклучени во самите почетоци на југословенското модерно сликарство, автори и дела кои припаѓаат на тогашните модерни правци во светот а особено во Париз и тоа експресионизмот и импресионизмот. Тука спаѓаат делата кои припаѓаат на колористичниот експресионизам, од припадниците на поетскиот реализам, интимизмот и колоритниот реализам, надреализмот, југословенска наива па сѐ до енформелот и новата фигурација.

Збирката на Современа уметност брои 500 дела, сместена е во современо депо и за неа се грижат соодветните кустоси од одделението за историја на уметност при НУ Завод и Музеј-Охрид.