Ранохристијанска базилика на локалитетот “Манчевци”

Локалитет “Манчевци” е делумно истражен во текот на 2007 година при што се отстранети два објекти. По извршените археолошки ископувања на овој археолошки локалитет во старото градско јадро на Охрид, констатирана е ранохристијанска базилика од која се откриени делови од северниот и централниот кораб, кога се истражени околу 200 м2. Локалитетот се наоѓа во близина на катедралната црква Света Софија, на потегот кон Античкиот театар, во густо населен дел на стариот град и најверојатно се протега и под околните куќи.

Базиликата, која е една од деветте базилики во градот и потекнува од периодот на IV-V век од нашата ера, има прилично зачуван поден мозаик со декоративен аранжман што бил карактеристичен за IV и V век. Како особено значајно се издвојува мозаичното поле со донаторски натпис во кој се спомнуваат Тома и Јован кои веројатно го изградиле објектот. Исто така, беа откриени фрагменти од фреско-живопис во долните партии на ѕидовите. Во текот на археолошките ископувања откриени се и мошне значајни елементи и фрагменти од мермерна градежна и декоративна пластика.

Проектотот за конзервација и презентација на откриените структури од базиликата, на локалитетот се одвиваше во континуитет неколку година по ред, а реализацијата на планираните активности ја спроведуваше НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид. Во периодот од 2011 до 2013 година е извршена заштита од обрушување на земјените профили со изведба на потпорни ѕидови и нивно обложување со камен. При проектирањето на потпорните ѕидови се најде решение со кое не се нанесе оштетувања на мозаичниот под во централниот кораб на базиликата.

Со проектните решенија се извршија максимални реставраторски зафати, со вршење анастилоза на столбовите, и делумна реконструкција на некои елементи од носивата конструкција, за кои имаше веродостојни податоци. При конзервацијата се користеа автентични материјали, водејќи сметка за опусот на ѕидаријата.

Истовремено беа консолидирани зачуваните структури од базиликата, а за заштита на објектот од атмосферски води беа изведени натстрешници со лесна конструкција и покриени со транспарентни акрилни плочи.