Збирка ракописи

Една од најзначајните збирки со кои располага НУ Завод и Музеј-Охрид е збирката на стари ракописи оформена со самото отвароње на музејот во 1951 година. Истата содржи 100 ракописи и две папки со фрагменти од разни ракописи со хомилиска и хагиографска литература, литургиски служби како и текстови со музички нотации.

Повеќето ракописи се пишувани со различни варијанти на грчко писмо, почнувајќи од првата половина на X век, па сé до XIX век, додека пак ракописите со словенско писмо се создавани од XIV до XVI век.

Најстарите и луксузни ракописи во збирката се создадени во скрипторските центри во околината на Константинопол и Солун, почнувајќи од првата половина на X век, додека пак поголемиот дел се препишувани од локалното свештенство за литургиските потреби.

Во оваа збирка значајно место заземааат и 14 ракописи со музички нотации со екфонетски знаци како и со неуми што ја прави една од најбогатите збирки со вакви ракописи во поширокиот регион. Од нив особено значење има стихирарот пишуван во XI век во околината на Константинопол, кој претставува драгоцен примерок на рановизантиска неуматска нотација.

Ракописите кои се зачувале до денес, со разновидната содржина како и илуминација во различни орнаментални стилови, текстови со музички нотации, ракописи со служба на Св. Климент Охридски, примероци кои се врзуваат за скрипторските центри во Константинопол, автентични ракописи кои се пишувани од локалните свештеници, значајни и заради многубројните записи со историско значење ја прават оваа збирка исклучително значајна со голема научна, културна и уметничка вредност.