Историска поставка – национално-ослободителното движење во Охрид и охридско

Историска поставка – национално-ослободителното движење во Охрид и охридско

Меморијалната куќа на Христо Узунов, во која е сместена постојаната историска поставка е изградена во средината на XIX век. Во 1960 година, куќата е предадена на владение на Народниот Музеј од Охрид, а од 1968 година има својство на споменик на културата. Во 1977-1978 година куќата е реконструирана и од 1982 година во неа е сместена перманентната историска поставка “Национално-ослободителното движење во Охрид и Охридско”, која егзистираше до 1989 година.

Во 1996 година куќата е повторно прогласена за споменик на културата заради вредностите кои ги поседува како староградска охридска архитектура. Тогаш таа е и повторно отворена за посетители со нова концепција на постојаната изложба “Национално-ослободителното движење во Охрид и Охридско”, со одредени измени и дополнувања со документи и предмети поврзани со Илинденскиот период и воопшто со народноослободителното движење во овој крај, а реконструирана е и една спомен-соба посветена на револуционерот-војводата Христо Узунов.

Поставката, концепциски е поделена на два ката. Во неа се изложени седумдесетина предмети, фотографии и документи поврзани со револуционерниот пат и создавањето на независна држава, Република Македонија. На првиот кат е претставен периодот на Преродбата (XIX век) во Охрид и Охридско, борбата на просветителите против грцизмот, појавата на тајни литературни и револуционерни друштва. Вториот кат е посветен на формирањето и дејноста на Охридскиот околиски комитет на ТМОРО (1895 година), Илинденското востание (1903 година), Балканските војни, Првата и Втората Светска војна и прогласувањето на независна и суверена Република Македонија.

Покрај постојаната историска поставка, во оваа спомен-куќа се организираат и времени изложби од областа на историјата, историјата на уметноста, конзервацијата како и повеќе научни собири и симпозиуми.