Галеријата на икони

Во постојаната поставка на Галеријата на икони се изложени најзначајните примероци од иконите, вкупно 37, од кои 6 литиски или билатерални. Хронолошката припадност на делата е од средината на XI до средината на XIX век.

Охридската збирка, покрај Синајската од манастирот Св. Катерина, Светогорската и Руската е една од највредните и најзначајните светски колекции на икони. Повеќето од нив настанале во охридските сликарски работилници, а некои од иконите во текот на вековите, како подароци за охридските цркви, биле донесени од Цариград или Солун и се одликуваат со исклучителни колористички решенија, грациозност и убавина на сликарската обработка.

Високите ликовни квалитети, историското и културолошкото значење, како и големиот степен на зачуваност на иконите од оваа збирка, особено на највредните и најубави примероци од XI до XIV век, кои претставуваат вистински ремек-дела на византиското штафелајно сликарство, придонеле тие, заедно со поедини примероци од поствизантискиот и од периодот на Преродбата, да бидат изложени во постојана поставка која се вбројува меѓу неколкуте вакви збирки во светот. Охридските икони претставуваат значајно сведоштво за значењето и улогата на градот Охрид како религиозен и културно-уметнички центар во рамките на византиската империја, српската средновековна држава и отоманската империја, како и неговите врски со другите развиени културни и уметнички центри, во прв ред со Цариград и Солун.

Преку иконите од оваа збирка може да се следи развојот на иконописот во временски периодот од речиси илјада години, од средината на XI па сé до средината на XIX век, а разните временски епохи оставиле свои хронолошки и стилски обележја врз поедини примероци.

За прв пат иконите од охридската збирка биле изложени во надворешната припрата на црквата Св. Богородица Перивлепта во 1961 година по повод XII Византолошки конгрес што се одржал во Охрид.

Во периодот помеѓу 1981 и 1983 година, објектот што се наоѓа во дворот на црквата, наспроти нејзиниот влез, бил реконструиран и ревитализиран во современа галерија на икони каде што збирката се наоѓа и ден денес и на тој начин се овозможи најубавите икони од оваа збирка да бидат достапни на сите љубители на средновековната уметност и бројните истражувачи и научници.

Во 2000 година, по повод големиот јубилеј на христијанството, Галеријата на икони во Охрид беше преадаптирана при што беше направена нова концепција на збирката и се осовременија просторните, безбедносните и микроклиматските услови.

Поголемиот број од иконите и другите предмети од збирката (особено оние од сталната поставка и сите други кои биле излагани во разни пригоди) се конзервирани во согласност со принципите и правилата за конзервација и заштита на културното наследство.

Покрај постојаната изложеност во Галеријата на икони-Охрид, голем број од иконите од збирката како и некои други предмети од истата досега биле излагани на бројни времени изложби во земјата и во странство.

© 2017 Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј - Охрид
Developed by Webmaster