Археолошка поставка

Постојаната археолошка поставка во куќата на Робевци, која ги опфаќа праисторијата, антиката и средновековниот период, во моментов е затворена бидејќи се работи на нејзината нова концепција, збогатување со експонати и презентација во нови, посовремени витрини. Единствено може да се погледа така наречената Златна соба.

Таа ентериерно е изолирана од целокупниот амбиент на староградската охридска куќа на браќата Робевци. Таа е, всушност, "просторија" во просторија. Внатре има само една кружна ротирачка витрина која целосно го покрива просторот. Во витрината е презентирана реконструкција на архајскиот Гроб 132 (VI-V век п.н.е.) од локалитетот кај Горна Порта во Охрид. Во гробот биле погребани двајца кремирани покојници со прилози од злато, сребро, бронза, ќилибар и керамика. Од прилозите најзначајни се златната посмртна маска и златната рака кои укажуваат на фактот дека во охридската архајска населба постоела златарска работилница која ги изработувала и познатите златни ритуални маски од уште позначајната архајска некропола "Требеништа" кај селото Горенци, Охридско. Околу гробната конструкција, на соодветно стратиграфско ниво, се презентирани сите златни археолошки наоди од локалитетите во Охрид и Охридско: Горна Порта, Самоилова тврдина, Плаошник, Стара Чаршија, Требенишко Кале и Црвејнца-Прентов Мост, кои хронолошки припаѓаат на раноантичкиот и македонско-хеленистичкиот период (IV/III-II век п.н.е.), времето на т.н. "златни векови" на Лихнитида (денешниот Охридско-струшки регион). По аглите од Златната соба, покрај ротирачката витрина, изложени се сите други златни археолошки предмети откриени на археолошките локалитети од Охридскиот регион, со хронолошка припадност на античкиот и средновековниот период. Вкупно се изложени 475 златни и позлатени археолошки предмети (заедно со 28-те од сребро, бронза, железо, стакло, килибар и керамика од Гробот 132).

© 2017 Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј - Охрид
Developed by Webmaster