Поликонхална базилика на Плаошник

Во Охрид досега се откриени девет ранохристијански цркви, меѓутоа, секако најзначајна и со многу зачувани остатоци е огромната базилика во месноста Плаошник, која по својата раскошност и димензии не заостанувала зад највелелепните храмови од своето време подигнати во Цариград, Солун, Антиохија и Александрија.

Систематско откопување и археолошко истражување на овој објект започнало во 1961 година под раководство на покојниот археолог Др. Васил Лахтов. Оваа работа ја продолжил професорот на Скопскиот универзитет Димче Коцо.

Оваа ранохристијанска базилика била создадена веројатно кон крајот на IV или почетокот на V век и има огромни димензии, скоро колку едно фудбалско игралиште. Таа, како и најголемиот број цркви во тоа време, била трибродна градба, чиј централен дел имал правоаголна форма, додека странично завршувала полукружно и била покриена со монументален свод, и имала одделен простор за покрстување. Базиликата била градена од големи четвртесто замазнувани тесни бели и црвеникави камени блокови, тешки по неколку стотини килограми, чии рудни лежишта и до денес не се пронајдени. Не е исклучено извесен дел од материјалот за градба да е префрлен од урнатините на античкиот театар кој се наоѓал во оној дел на градот чии остатоци од седиштата се најдени во непосредна близина на базиликата.

На сочуваните подни мозаици во оваа огромна и раскошна епископска црква, покрај разновидната геометриска и флорална орнаментика, се среќаваат и многубројни претстави на животни, особено птици. Во многубројните кружни амблеми на мозаичниот под има претстави на разни видови птици прикажани во најразлични пози: некои се во мирување, некои во лесно движење, едни колваат грозје, други колваат семе по земјата, додека некои се прикажани во лет. Претставувањето на птиците и воопшто сите животни на овие мозаици, покрај декоративниот карактер и несомненото симболично значење за христијанската литургија, е мошне значајно и од еден друг аспект, а тоа е застапеноста на одредени видови дивеч. Имено, помеѓу мошне реалистички прикажаните птици, можеме јасно да препознаеме фазани, гулаби, еребици, препелици, диви гуски, патки и разни други барски птици. Сé се тоа видови кои од секогаш ги населувале овие предели, а повеќето од нив тука живеат и денес. Од животните застапени на овие мозаици, покрај домашните (магаре, крава, јагне), има уште и срни, дивокози, козорози, елени, зајаци. Некои од нив се претставени во стоечка положба, некои како лежат, а други се во скок. Интересни се и доста натуралистички претставите на два зајаци во наосот: едниот зоба грозје, а другиот јаде морков или репка.

Од овој огромен мозаичен комплекс зачувани се околу стотина квадратни метри кои ни го потврдуваат мајсторството на големите и непознати уметници.

Во североисточниот анекс на оваа базилика има претстави на елени додека во северната и јужната конха на крстилницата се прикажани животни кои најмногу наликуваат на козорози. И едните и другите се мошне верно и релјефно предадени во мигот кога приоѓаат да се напијат вода. Значајни се уште и претставите на пауни во североисточниот дел на наосот како и во нартексот, каде што покрај западниот ѕид среќаваме и риба, особено карактеристичен христијански мотив, но истовремено значаен и за самиот Охрид и езерото.

Во претставите на паунот се споени симболите на бесмртноста, вечноста, Христовото тело и крв, бидејќи тој во текот на зимата ги губи пердувите, а со почетокот на пролетта добива нови. Тој е телото на верникот кој отфрлените пердуви на смртноста ги заменува со пердувите на бесмртноста, па така паунот станал симбол на воскреснувањето на телото, аналогно на општото обновување на природата во пролет.

Најимпресивното во оваа базилика е изградениот баптистериум-крстилница во форма на триконхос и со извонредни мозаици каде се претставени антропоморфно четирите рајски реки: Гион, Фисон, Тигар и Еуфрат.

Неговата иконографска интерпретација е единствен пример во ранохристијанската уметност. Имено, во идејна и композициска целина вклопени се темата на четирите рајски реки и темата на фонтаната на животот, често претставувана во крстилницата и другите простории на црквите, а која што идејно е поврзана со чинот на покрстувањето.

Четирите рајски реки, Гион, Фисон, Тигар и Еуфрат се претставени како човечки глави од чии што усти извира вода. Тоа се воедно и единствените човекови претстави на подните мозаици од ранохристијанскиот период во Македонија, а аналогии наоѓаме само во Солун, Хрватското приморје и на Сицилија.

Ктиторите овој свој голем подарок го обележале со натпис во источниот дел на просторијата (северно од главната црква) без своите имиња, на мошне скромен начин: “Го направија за свој благослов, оние чии имиња ги знае само Бог”.

Преку оваа базилика дознаваме дека во ранохристијанскиот Лихнид била одгледувана не само уметноста од највисок квалитет, туку и дека постоеле цркви кои поседувале и најголемо богатство познато во овој период, што го потврдува фактот дека Лихнидос бил мошне важен религиозен, културен и стопански центар. Едновремено, присуството на ваквото богатство може да се толкува и со тоа дека овдека било седиште на лихнидските епископи.

Се смета дека оваа мошне убава постројка пострадала и била урната во катастрофалниот земјотрес во VI век (518 година), кога е уништен античкиот Скупи, т.е. денешното Скопје, за кое нè известува византискиот хроничар Прокопиј. Постојат индиции дека оваа урнатина непосредно по своето доаѓање на Балканот, ја користеле за живеење припадниците на словенските племиња, бидејќи на мозаичките подови на црквата се изнајдени остатоци од огништа за кои се верува дека им припаѓале на Словените. До колку е точно, ова би се сметало и за пронајдок на првите траги на Словените во Охрид.

На местото на оваа базилика, а и подоцна се градени црковни објекти за што говорат бројни фрагменти на фрески, траги на ѕидови и темели од многу гробови како и различна керамика и други најдени предмети. Тоа зборува дека не е случајно што токму на ова место и св. Климент Охридски го изградил својот манастир Св. Пантелејмон, еден од најважните центри на старата словенска писменост и култура.