Плаошник

Локалитетот Плаошник се наоѓа во јужното подножје на повисокиот (западниот) рид на Охрид, на зарамнето плато меѓу цитаделата на Самоиловата тврдина и црквата Св. Јован Канео на брегот од Охридското Езеро. Плаошник е исклучителен археолошки комплекс со културни слоеви од праисторијата, антиката и средниот век.

Првите археолошки интервенции на Плаошник се случиле во времето од октомври 1942 година до мај 1943 година (со прекини), на просторот од внатрешноста на остатоците од Султан Мехмед џамијата во организација на Службата на старините во Охрид на чело со нејзиниот раководител Кирил Прличев, а потоа и со Димче Коцо. Притоа се откриени остатоци од старата Светиклиментова црква и гробот на Св. Климент Охридски. Вкупните резултати од овие археолошки ископувања ги објавува професорот Димче Коцо во 1948 година. Во времето од 1960-1964-1966 година повторно се вршат археолошки ископувања на Имарет (Плаошник) при што паралелно се открива ранохристијанската поликонхална црква од V-VI век, а во месеците август-септември 1965 година Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата-Скопје врши археолошко-конзерваторски истражувања на просторот од Светиклиментовата црква "Св. Пантелејмон" после кое се изведени конзерваторски работи.

Поголеми зафати беа реализирани во времето од 1999-2002 година кога беа изведени ревизиони археолошки истражувања во внатрешноста на Светиклиментовата црква и околу неа при што целосно беа откриени и дефинирани градбените фази и целосно беше откриена монументалната тробродна ранохристијанска базилика со нартекс, атриум, крстилница, помошни простории и широки дворишта во источниот дел од комплексот. Во пространиот атриум на северната страна од објектот се откриени голем број мермерни столбови со бази и капители, а нартексот и северниот брод од базиликата имаат зачувани мозаични подови во повеќе фази. Меѓутоа, најрепрезентативен дел на оваа базилика е секако нејзината монументална крстилница што се наоѓа јужно од нејзината апсида, со извонредно сочуваниот мозаичен под. Таа има форма на правоаголник во чиј средишен дел се наоѓа кружна писцина (базен во кој се вршело крштевањето) со скалила на источната страна по кои се слегувало во базенот. Мозаичната декорација на нејзиниот под се состои од геометриски орнаменти и симболични растителни и зооморфни претстави. Тука се среќаваат стилизирани претстави на лоза со гроздови, листови, цветови и доста реалистички претставени домашни и диви животни и птици како јагне, лав, паун, петел, барски птици. Во кружните полиња на бордурата на подот, формирана од две испреплетени ленти, покрај другите претстави, присутни се и разновидни форми на крстови помеѓу кои и свастиката.

Сите нактивности на овој локалитет беа превземени во рамките на проектот Возобновување на Светиклиментовата црква Св. Пантелејмон на Плаошник во Охрид по повод јубилејот "2000 години христијанство во Македонија и светот", предложен и реализиран од надлежната институција НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид, поддржан и финансиран од Владата на Република Македонија, од Македонската православна црква, како и од целиот македонски народ. Возобновувањето беше изведено на темелите од старата Светиклиментова црква и на темелите од нејзините доградби, а по претходно отстранување на остатоците од Султан Мехмед џамијата во чија пак внатрешност беа остатоците од црквата и гробот на Св. Климент Охридски. Во основа се прикажани делови од исламскиот сакрален објект како сведоштво за неговото постоење и сведоштво за едно историско време на овој простор. Паралелно беше изведена и заштитната покривна конструкција над ранохристијанската поликонхална црква, како и конзервација на мозаичните подни површини од баптистериумот на истата сакрална градба. Сите активности од овој проект беа завршени со голем народен собор и литиска процесија на пренесувањето на моштите на Св. Климент Охридски од втората катедрална црква во Охрид, Св. Богородица Перивлепта на Дебој, до старата Светиклиментова црква Св. Пантелејмон и до гробот на Св. Климент на Плаошник, како и со осветување на возобновента црква на 11 август 2002 година.

Археолошките истражувања и конзерваторско-реставраторските работи продолжија со помал обем и во времето помеѓу 2003 и 2006 година, при кое беа истражени извесни простори западно од нартексот на монументалната тробродна базилика и на просторите под мозаичните подови од нартексот и баптистериумот на истата ранохристијанска градба. Во ова време целосно беа завршени конзерваторските работи на мозаичните подови од баптистериумот при што истите беа поставени на нови подлоги, а беа поставени и заштитни покривни конструкции над двата баптистериуми од ранохристијанските цркви на Плаошник.

Со најновите систематски археолошки истражувања кои се одвиваа од март до декември 2007 година и во текот на 2008 година започна реализацијата на втората фаза од проектот "Плаошник", односно започна реализацијата на проектот Возобновување на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник во Охрид. Целта на овие истражувања, кои продолжија и сè уште траат, е комплетно да се истражи просторот на т.н. Светиклиментова почва и, покрај другото, да се утврдат остатоци од постоењето на манастирските конаци, што во овој случај би значело и убицирање на просторните услови за функционирање на т.н. Охридска книжевна школа, или Охридската книжевна академија, или, како што веќе се нарекува Светиклиментовиот универзитет.

© 2017 Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј - Охрид
Developed by Webmaster