Организациона поставеност

Со одлука на Владата на Република Македонија за утврдување на мрежата на национални установи од областа на културата (Службен весник на РМ број: 84/2003), Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј-Охрид, како и сродните институции во Битола, Прилеп, Струмица и Штип, доби статус на национална установа од областа на културата и се преименува во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид, односно НУ Завод и Музеј-Охрид.

Денес, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид е национална установа од областа на културата чија основна дејност е заштита, систематизација, документација, научна обработка, публикација и презентација на културното наследство на градот Охрид и охридско-струшкиот регион.

Својата дејност, програма, цели и задачи, оваа институција ги остварува преку двата сектори според Правилникот за систематизација на работните места со кој се утврдуваат организационите единици и работните места и тоа:

  • Сектор за заштита и конзервација на недвижно културно наследство;
  • Сектор за музејска дејност и заштита на движното културно наследство;

Сектор за заштита и конзервација на недвижно културно наследство

Во секторот за заштита и конзервација на недвижното културно наследство се вршат истражувачки, студиско-аналитички, проектантски, изведбени, управно-правни, информативно- документациони, информатички, стручно-оперативни и стручно-административни работи за заштита и конзервација на културното наследство. Се изготвуваат и елаборати за валоризација и ревалоризација, како и заштитно-конзерваторски основи, проекти за археолошки и конзерваторски истражувања, конзерваторски проекти, се организира изведување на конзерваторско-реставраторски и други работи на непосредна заштита и презентација на недвижните добра, конзерваторски и друг стручен надзор над спроведувањето на мерки за заштита и слично.

Во состав на секторот за заштита и конзервација на недвижното културно наследство функционираат три одделенија и тоа:

  1. Одделение за идентификација и режим за заштита со четири оддели:
    • Оддел за заштита на археолошкото наследство;
    • Оддел за правна заштита на културното наследство;
    • Оддел за заштита на етнолошкото наследство;
    • Оддел за заштита на историското наследство.
  2. Одделение за непосредна заштита со три оддели:
    • Оддел за заштита на архитектонското наследство;
    • Оддел за ликовни техники;
    • Градежна оператива.
  3. ИНДОК-центар

ОДДЕЛОТ ЗА ЗАШТИТА НА АРХЕОЛОШКОТО НАСЛЕДСТВО врши стручни работи и задачи за идентификација и го утврдува режимот за заштита и користење на археолошкото наследство. Го координира и учествува во процесот на валоризација, ревалоризација, означување и документирање на археолошкото наследство, следење на состојбите и промените, проучување на вредностите, значењето и функциите, конзервација, презентација и популаризација на археолошкото наследство. Овој оддел врши и заштитни археолошки истражувања, изработува елаборати за ставање под заштита на добрата, раководи со стручни тимови за вршење увид, евиденција, валоризација, ревалоризација и номинација за меѓународен статус на археолошкото наследство. Врши и конзерваторски истражувања за изработка на конзерваторски проекти, учествува во стручни или научни истражувања, изведба на посложени зафати на непосредна заштита на археолошкото наследство, врши археолошки надзор при изведба на други конзерваторски проекти, раководи и учествува во реализација на меѓународни, национални и други заеднички проекти во врска со археолошкото наследство и неговата заштита, презентација, користење и популаризација.

Врши изработка на стручно мислење по прашањата и проблемите во врска со заштитата на археолошкото наследство и остварувањето и унапредувањето на дејноста, ги следи активностите во рамките на меѓународниот систем на заштита на археолошките добра, ја следи примената на стратешките документи, програми, препораки и други мерки во врска со дејноста. Го следи остварувањето на прокламираните цели во заштитата на археолошкото наследство, остварувањето на мерките во врска со непосредната заштита на археолошкото наследство и укажува на одредени проблеми и пропусти во работењето, придржувањето кон конзерваторските принципи, стандарди и методологија. Одделот раководи или учествува во стручни или научни археолошки истражувања, развива и воведува нови методи, изработува информации, предлози и други научно-аналитички текстови, учествува во изработка на студии, проекти и елаборати од сите видови за кои се бара поголемо работно искуство, знаење и стручност и врши стручна контрола и надзор над работите на исклучително сложени интервенции во непосредната заштита на културното наследство и изработка на акти за културните добра.

Во текот на повеќегодишното делување на НУ Завод и Музеј-Охрид извршени се голем број на заштитни археолошки истражувања од кои како позначајни може да се издвојат: заштитните археолошки истражувања на археолошкиот локалитет Плаошник во Охрид, заштитните археолошки истражувања на Античкиот тетар во Охрид, заштитните археолошки истражувања на Самоиловата Тврдина во Охрид, заштитните археолошки истражувања на археолошкиот локалитет Манчевци во Охрид, заштитните археолошки истражувања на археолошкиот локалитет Дебој во Охрид и уште многу други.

ОДДЕЛОТ ЗА ПРАВНА ЗАШТИТА НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО врши изработка на стручно мислење по прашањата и проблемите во врска со заштитата на културното наследство и остварувањето и унапредувањето на дејноста. Ја следи примената на стратешките документи, препораки, програми и други мерки во врска со дејноста. Изработува информации, предлози и други стручно-аналитички текстови. Врши рецензирање, експертиза и слични работи во врска со културното наследство. Изработува студии, проекти и елаборати од сите видови за кои се бара поголемо работно искуство, знаење и стручност и врши стручна контрола и надзор над работите на исклучително сложени интервенции во непосредната заштита на културното наследство и изработка на акти за културните добра согласно закон. Врши работа од правна заштита на културното наследство и изготвува соодветни правни акти. Учествува во проекти за валоризација и ревалоризација на културното наследство во предлагање на својство на заштитено добро.

Врши работи од областа на обезбедување на физичка и техничка заштита на управните и музејските згради и организирање на надзор на безбедносната заштита на имотот на НУ Завод и Музеј-Охрид, културното наследство и музејскиот материјал.

Врши работи од подготовките на НУ Завод и Музеј-Охрид од областа на одбраната и подготвува и ракува со соодветните планови. Врши работи од областа на заштитата и спасувањето од непогоди и други несреќи на вработените и имотот на НУ Завод и Музеј-Охрид како и превенција и справување со кризни состојби.

ОДДЕЛИТЕ ЗА ЗАШТИТА НА ЕТНОЛОШКОТО И ИСТОРИСКОТО НАСЛЕДСТВО вршат стручни работи за идентификација и го пропишуваат режимот на заштита и користење на културното наследство, особено при подготвувањето на методолошки основи, стандарди, нормативи и обрасци за вршење на работите и унапредување на методологијата за евиденција. Го координираат и учествуваат во процесот на валоризација, ревалоризација, означување и документирање на културното наследство, следење на состојбите и промените, проучување на вредностите, значењето и функциите, конзервација, презентација и популаризацијата на културното наследство. Изработуваат елаборати за ставање под заштита на добрата, раководат со стручни тимови за вршење увид, евиденција, валоризација, ревалоризација, вршат конзерваторски истражувања за изработка на конзерваторски проекти и студии од различен вид. Исто така, овие оддели вршат ревизија и контрола на конзерваторски проекти и друга документација за културното наследство во согласност со закон и раководат и учествуваат во реализацијата на меѓународни, национални и други заеднички проекти во врска со културното наследство и неговата заштита, презентација, користење и популаризација.

ОДДЕЛОТ ЗА ЗАШТИТА НА АРХИТЕКТОНСКОТО НАСЛЕДСТВО учествува во идентификација на културното наследство особено од аспект на вредностите, значењето и оправданоста за ставање под заштита на евидентираното наследство. Учествува во подготвувањето, комплетирањето и обликувањето на елаборатите за валоризација и ревалоризација (Елаборатот за ревалоризација на старото градско јадро на Охрид врз основа на кој е донесен Закон за прогласување на Охрид за споменичка целина од особено значење и над 300 елаборати за валоризација и ревалоризација на поединечни објекти на територијата на општините Охрид, Струга, Дебарца и Вевчани).

Учествува во изработка на програми, пресметки и предлози за превземање на соодветни мерки за заштита на заштитените добра, како и во изработката на заштитно-конзерваторски основи на територијата на четирите општини: Охрид, Струга, Дебарца и Вевчани и изработка на елаборати за ставање под привремена заштита на добрата. Стручните лица од овој оддел учествуваат и при подготовката на апликации, информации, осврти, анализи и други стручно-аналитички материјали и акти за заштита и користење на културното наследство. Учествуваат во конзерваторски истражувања и изработка на конзерваторски проекти за конзервација на објекти од сакрална христијанска архитектура и нивна реализација (Проект за конзервација на архитектурата и фреско-живописот на црквата и манастирскиот комплекс Св. Богородица Перивлепта, Проект за конзервација на архитектурата и фреско-живописот на црквата Св. Богородица Захумска во с. Трпејца, Проект за конзервација на архитектурата на црквата Св. Софија во Охрид, Проект за конзервација на архитектурата и фреско-живописот на црквата Мал Св. Климент во Охрид, Проект за конзервација на архитектурата и фреско-живописот на црквата Св. Димитриј во Охрид, Проект за конзервација на архитектурата и фреско-живописот на црквата Св. Константин и Елена во Охрид, Проект за конзервација на архитектурата и фреско-живописот на црквата Мали Св. Врачи во Охрид, Проект за конзервација на архитектурата и фреско-живописот на црквата Св. Кузман и Дамјан во Охрид, Проект за конзервација на архитектурата и фреско-живописот на црквата Св. Никола Чудотворец во Охрид, Проект за конзервација на архитектурата на црквата Св. Архангел Михаил во Охрид, Проект за конзервација на архитектурата на црквата Св. Јован Богослов-Канео во Охрид, Проект за конзервација на архитектурата и фреско-живописот на црквата Сите Свети во с. Лешани, Проект за конзервација на архитектурата и фреско-живописот на црквата Св. Никола во с. Косел, Проект за конзервација на архитектурата и фреско-живописот на црквата Св. Богородица-Ќелија во с. Велмеј и многу други).

Во делокругот на работата на овој оддел се и конзерваторските истражувања, изработката на конзерваторски проекти и нивна реализација за повеќе археолошки локалитети со нивна комплетна конзервација и презентација (археолошки локалитет Манчевци во Охрид, археолошки локалитет Плаошник во Охрид со комплетна конзервација на сите мозаични подови од ранохристијанските базилики и нивна презентација со изведба на заштитни кровови и многу други).

Покрај сакралната, одделот учествува и во конзерваторски истражувања, изработка на конзерваторски проекти и нивна реализација за објекти од профаната архитектура (конзервација на фасадите, кровот, промена на столарија и изведба на потпорен ѕид во Музејскиот комплекс Робевци, факсимилна обнова на Куќата на Уранија, конзервација на фасадите, промена на столарија на Спомен-куќата на Христо Узунов, конзервација на фасадите и промена на столарија на куќата од Патчеви, конзервација на фасадите, промена на столарија, конзервација на кровот и конзервација на ентериерот на куќата на Бојаџиеви, конзервација на куќата на Ѓурчинови, конзервација на три објекти на ул. 7-ми Ноември, конзервација на објектот на Радио Охрид, конзервација на магаза, конзервација на куќата на Коле Котуше во Охрид, конзервација на Спомен-домот на Браќа Миладиновци во Струга, конзервација на куќата на Љуба Блажеска во Струга и уште многу други).

Одделот учествува и во конзерваторски истражувања, изработка на конзерваторски проекти и нивна реализација на објекти од исламската архитектура (Али-Пашина џамија во Охрид, Турбе на Синан Челеби во Охрид, Шадрван од теќето на Зејнел Абедин Паша во Охрид, џамијата Хаџи Хамза во Охрид, џамијата Хаџи Дургут во Охрид, Воска Амам во Охрид, џамијата Мустафа Челеби во Струга и други).

Врши стручен надзор над конзерваторските работи и другите мерки на непосредна заштита во согласност со законот, изработува решенија и други акти за културни добра и раководи и учествува во реализацијата на меѓународни, национални и други заеднички проекти во врска со културното наследство и неговата заштита, презентација, користење и популаризација, учествува во изработка на планови за управување и дава стручна помош на имателите на културното наследство.

Ги следи активностите во рамките на меѓународниот систем на заштита на културните добра, ја следи примената на стратешките документи, програми, препораки и други мерки во врска со дејноста. Ги координира работите при реализацијата на особено специфични и сложени процеси во дејноста.

ОДДЕЛОТ ЗА ЛИКОВНИ ТЕХНИКИ ги изведува заштитните и конзерваторско-реставраторските работи на недвижните и движните споменици на културата од областа на фреско-живописот, штафелајното сликарство, иконописот, мозаикот, заштита на предметите од хартија, камен, керамика, дрво, текстил и метал.

Стручните работници од овој оддел вршат препарирање и конзервирање на музејскиот материјал и музејските предмети за потребите на изложбите и депоата. Вршат препараторски и реставраторски работи на музејски предмети и музејски материјал, превентивна заштита на музејските предмети, по потреба учествуваат во теренски истражувања и ископувања. Учествуваат во подготвувањето на постојните и тематските поставки и повремени изложби.

По потреба учествуваат во собирање на музејскиот материјал и вршат негова прелиминарна конзерваторска обработка на терен, учествуваат во конзерваторските истражувања, учествуваат во изработката на конзерваторските проекти и нивната реализација, водат документација за конзервираниот материјал, вршат конзерваторски надзор, учествуваат во заштитата на музејскиот материјал во депоата и изложбите и ја одржуваат во исправна состојба теренската опрема.

ОДДЕЛОТ ЗА ГРАДЕЖНА ОПЕРАТИВА учествува при вршењето на конзерваторски истражувања, изработката на конзерваторските проекти и вршењето на конзерваторскиот надзор. Учествува во вршењето на неопходен увид при изведба на несоодветни градежни активности на објектите од страна на надворешни лица и врши анализи околу статичката стабилност на објектите и дава насоки за мерките кои треба да се превземат заради обезбедување на нивна целосна стабилност.

ИНДОК-ЦЕНТАРОТ кој е составен дел на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид, своите зачетоци ги има уште во 60-те години од минатиот век во рамките на Народниот музеј Охрид, како фотографска работилница и библиотека со читална, а со тек на времето се оформува и модернизира во современ информативно-документаристички центар.

Во ИНДОК центарот се чува, обработува и систематизира дескриптивна, графичка и фото документација за недвижните и движните споменици на културата од аспект на заштитната дејност, музејска документација, како за збирките, така и за поединечни музејски предмети.

Документацијата за заштита на спомениците се состои од евидентирање и формирање досие во кое има пропишан заштитен режим и соодветна архитектонска документација за секој поединечен споменик на културата, потоа, изготвени Проекти за конзервација и реставрација на објекти и цели ансамбли од недвижното културно наследство, елаборати за валоризација и ревалоризација на објектите и слично.

Музејската документација се состои од депонирани влезни и инвентарни книги во кои се евидентираат музејските предмети кои во оваа установа се добиваат по пат на археолошки ископувања, истражувања, откупи, донации и слично, потоа Проекти за конзервација на музејски предмети од збирките на НУ Завод и Музеј-Охрид, реверси за изнесени и вратени предмети од разни изложби, особено меѓународни и целокупната документација во врска со нив, елаборати за валоризација и ревалоризација на музејските збирки и слично.

Фото-документацијата при овој центар е важен сегмент во целокупната дејност на установата. Од своите почетоци до денес, фондот на документирани и обработени негативи (стаклени плочи и целулоидни ленти), фотографии (црно-бели и во боја), видео ленти и касети, ЦД и ДВД ромови и слично, од сите дејности на институцијата, достигнува огромна бројка како резултат на нејзиното долгогодишно работење. Порано постоеше фото-лабораторија која работеше на изготвување на фото документацијата и ги опслужуваше сите одделенија и стручни лица. Денес во ерата на дигиталната фотографија сите стручни лица располагаат со солидни дигитални камери и фото апарати, така што фондот на фото и видео записи е огромен и речиси да не може точно да се евидентира. Во последните години се работи на компјутеризација на ИНДОК центарот и негово поврзување со компјутерската мрежа во државата.

Сектор за музејска дејност и заштита на движното културно наследство

Археолошко одделене

Археолошкото одделение постои од самото отворање на Народниот музеј во Охрид во просториите на реномираната охридска куќа на браќата Робевци, во мај 1951 година. Тогаш немало вработени стручни лица археолози, туку за археолошката поставка биле одговорни Фоти Масин, асистент конзерватор и администратор и Абдул Керим, асистент конзерватор. Тогаш археолошката поставка го зафаќала најголемиот изложбен простор во музејот, во приземјето бил сместен лапидариумот со камени и мермерни споменици, главно епиграфски со старогрчки и латински натписи, кои дотогаш биле сместени по дворовите на црквите Св. Никола и Св. Богородица Челнички, Св. Софија и Св. Богородица Перивлепта. Меѓу нив биле уште тогаш познатите две релјефни плочи со Дионис и Музите од Античкиот театар, повеќе епиграфски надгробни и други споменици. Во витрините, поставени на катовите од музејската куќа, биле изложени затекнати и зачувани археолошки предмети од времето на Службата за старини во Охрид и пред неа, како и откупувани предмети, нешто и со првите археолошки истражувања (селата Орман, Трпејца), така што веќе во 1952 година, Археолошкото одделение располагало со 291 предмет, хронолошки од праисторискиот, античкиот и средновековниот период.

Со вработувањето на првите стручни лица Васил Лахтов, кустос раководител на археолошката збирка и Радмила Пашиќ, кустос археолог, Археолошкото одделение во својот стручен состав имало најмалку двајца, а најповеќе четворица вработени археолози. Во рамките на надлежностите на ова одделение се и епиграфските споменици и целокупниот нумизматички материјал.

Од своето формирање до денес, ова одделение е носител на значајни археолошки истражувања меѓу кои некрополата Требеништа, базиликата Студенчишта, Античкиот театар базиликата и некропола Свети Еразмо, некрополата и базилика Дебој, неолитската населба Долно Трново, античката семејна гробница Видобишта, подводните археолошки истражувања на Охридското Езеро-праисториската населба Плоча Миќов град (Залив на коските), Самоиловата тврдина, комплексот Плаошник и уште многу други, главно заштитни археолошки интервенции во Охрид, под водите на Охридското Езеро и во Охридската регија.

Денес Археолошкото одделение при НУ Завод и Музеј-Охрид е надлежно за над 250 евидентирани археолошки локалитети во Охрид и охридско, музејска обработка на над 100 000 движни археолошки предмети и 20 000 монети од античкиот и средновековниот период.

Етнолошко одделение

Етнолошкото одделение постои од формирањето на Музејот. Од раните 50-ти годнини започнува прибирањето и евидентирањето на голем број музејски предмети, се работи на истражување, документирање и презентирање на извонредното наследство кое љубоморно се чувало во охридските куќи, магази, чекмеџиња и стари ковчези. Во почетокот се истражувал и документирал материјал што потекнува од Охрид и охридската околија, но после неколку години ингеренциите се прошируваат и кон ресенската, струшката, кичевската, дебарската и бродската општина. Извршени се истражувања на народната материјална култура, што подоцна резултира со изработката на етнолошката карта на Охридската околија која дава јасна слика за народниот живот претставен преку носијата, куќата и занимањето со најкарактеристичните белези. Се работи и на истражување и прибирање на народната носија на Македонците и народностите и на материјали и податоци што се однесуваат на старите занаети. Етнолошкото одделение во тој период е сместено во Куќата на Уранија. Покрај постојаните музејски поставки, се реализираат и бројни тематски изложби за презентирање на етнолошкото културно наследство. Традицијата на работата на етнолошкото одделение се продолжува до денес. Континуирано се работи на истражување и на материјалната и на духовната култура. Материјалното наследство редовно се презентира на тематски поставки во Охридскиот Музеј. Фондот на музејски предмети постојано се збогатува. Предметите се откупуваат или пак, се добиваат како подарок на музејот.

Историско одделение

Историското одделение постои уште од самите почетоци, односно возобновувањето на Народниот музеј во Охрид и неговата основна дејност се одвива преку истражување, прибавување, средување, стручно и научно обработување на историскиот музејски материјал и музејските предмети, нивно чување и заштита, како и презентација преку организирање на постојани и времени изложби, предавања, семинари, истражувачки проекти, научни собири и слично. Резултатите на целокупната работа на Историското одделение се објавуваат во вид на прилози во разни стручни списанија, зборници, периодични и монографски публикации.

Активноста на Историското одделение уште на самиот почеток е одбележена со две големи тематски поставки и тоа: “Илинден 1903 година во Охридско” и “Народната револуција во Охридско 1941-1944 година”.

Изложбата “Илинден 1903 година во Охридско” отворена е во 1953 година по повод прославата на педесетгодишнината од Илинденското востание, а со цел на посетителите да им се предочи јасна слика за целокупната предилинденска, илинденска и поилинденска револуционерна дејност.

Уште со самото започнување со работа на Историското одделение се започнало со прибирање на документи и други материјали за подготовка и отворање на изложбата “Народната револуција во Охридско 1941-1944 година”. Отворањето на изложбата со материјални средства било потпомогнато и од Сојузот на борците од Охрид. Собирањето на материјалите и другите подготовки за оваа изложба биле завршени во летото 1956 година, а свеченото отворање било на 4 јули, во чест на Денот на Борецот. Посебен акцент во работата на ова одделение е ставен на периодот под османлиска управа, национално слободителното и револуционерното движење од времето на Илинденскиот период и по него, Балканските војни и Првата Светска војна, периодот меѓу двете Светски војни, Народноослободителната и Антифашистичка борба на македонскиот народ во текот на Втората Светска војна, периодот во рамките СФРЈ и современиот развој на Република Македонија како независна држава.

Во богатиот фонд музејски предмети кои се наоѓаат во историската збирка што е во надлежност на ова одделение се чуваат и такви оригинални музејски предмети кои што имаат непроценливо значање, не само за културно-историското минато на Охрид и Охридскиот регион, туку и пошироко за историјата на Македонија.

Еден од најзначајните документи е и фотокопијата на претсмртното писмо од Христо Узунов, организатор на револуционерните комитети во Охридско, и началник на охридско-струшките востаници. На 11 април 1905 година, тој и неговата чета биле опколени и ненадејно нападнати од многуброен турски аскер во селото Цер (Кичевско). Не наоѓајќи друг излез, тој со своите четници се самоубива, а непосредно пред смртта го напишал тоа писмо кое содржи важни податоци.

Меѓу значајните, но во јавноста помалку познати реликвии, се брадата и ќесето на овој наш голем револуционер и визионер. Приказната за брадата на Христо Узунов започнува на денот на неговото загинување, кога тој со своја рака си го одзел животот со цел да не падне жив во рацете на непријателот. Пред да биде погребан, некоја жена му ја отсекла брадата за да ѝ ја испрати на неговата мајка. Не е познато како брадата патувала и како стигнала до мајка му Анастасија, но се знае дека таа со години се чувала во семејството како еден редок спомен кој ги потсетувал на Христо Узунов. Ќесето, пак, кое овој револуционер го имал со себе во последните моменти од неговиот живот кога се одвивала драмата во куќата во Цер, се среќава во неговото проштално, претсмртно писмо до мајка му, во кое изрично кажува дека спроти скалата на која се наоѓа во моментот, во дупка од ѕидот го сокрил ќесето во кое се наоѓаат парите на охридската организација. Ќесето во Охрид е пристигнато по тајни канали од Бугарија, а било кај наследниците на Христо Узунов, односно кај неговиот брат Ангеле.

Во текот на долгогодишното работење на Историското одделение при НУ Завод и Музеј-Охрид, воспоставени се контакти и соработка со повеќе сродни институции од земјата: Музејот на Македонија, Заводите и Музеите во Битола, Прилеп, Струмица и Штип и други. Блиска соработка се остварува и со повеќе научни и образовни институции од земјата и странство: Институтот за национална историја, Државниот Архив на Република Македонија, Државниот Архив на Република Бугарија, како и блиска соработка со бројни истакнати и еминентни истражувачи и научни работници од земјава и пошироко.

Одделение за историја на уметноста

Ова е едно од најстарите одделенија во нашата институција кое функционира уште од самите почетоци на работата на Народниот музеј во 1951 година, а во јуни 1953 кон него, како посебно одделение е приклучена и Уметничката галерија, основана на 2 август 1952 година како самостојна установа, со 68 уметнички дела (слики и графики), подарени од Советот за просвета на НРМ и Уметничката галерија-Скопје. Од самото основање па сè до денес, збирката на дела од современата уметност постојано се збогатува и денес брои 500 дела, слики во разни техники, графики и скулптури од различни материјали.

Одделениетo за историја на уметноста се бави и со истражување, документирање, заштита, публикување и презентирање на средновековната сакрална уметност, фреско-живописот и, особено, иконописот, бидејќи Галеријата на икони, што е во состав на НУ Завод и Музеј-Охрид, поседува една од најзначајните, највредните и најубавите збирки на икони во светот. Стручните лица од ова одделение вршат увиди, евиденција, валоризација и ревалоризација на недвижното и движно споменично наследство на територијата што е под ингеренција на НУ Завод и Музеј-Охрид, а која денес опфаќа четири општини: Охрид, Струга, Дебарца и Вевчани.

Се истражуваат и се изработува целосна дескриптивна, фото и техничка документација на архитектурата, мозаиците и ѕидното сликарство за многубројните цркви во охридскиот регион, почнувајќи од бројните ранохристијански базилики од V и VI век, преку средновековните цркви од XI до XIV, па сè до сакралните објекти од почетокот на минатиот век. Се изготвуваат проекти за конзервација и реставрација на иконите од сталната поставка на Галеријата на икони од периодот помеѓу XI и XIX век, во чија реализација во НКЦ-Скопје активно учествуваат и наши стручни лица. Една од основните активности на ова одделение е организирањето и реализацијата на самостојни и превземени изложби во земјата и во странство. За популаризацијата на културното наследство сведочат бројни стручни трудови во разни списанија и зборници, каталози од изложби со различен тематски пристап што се организираат во соработка со слични државни и меѓународни музејски и други институции.

Така, во 1961 година, од 10-15 септември во Охрид се одржал XII меѓународен византолошки конгрес при што за прв пат иконите од Охридската збирка биле изложени на едно место.

Таа изложба била воедно и прв обид од овој вид и во извесна мера имала и експериментален карактер бидејќи самата нејзина концепција била направена со намера со најубавите примероци од иконите да се илустрира во тоа време сè уште ненапишаната историја на иконописот. Покрај големиот број музејски и црковни институции од поранешна Југославија кои позајмиле икони за оваа изложба (вкупно 92), Народниот музеј во Охрид изложил 25, од кои повеќето денес се дел од постојаната поставка на Галеријата на икони-Охрид.

Почнувајќи од 1963 година, кога во Љубљана, Словенија (тогаш една од шесте конститутивни републики на СФРЈ) биле изложени 4 икони, иконите од нашата збирка, денес сместени во Галеријата на икони биле презентирани на голем број изложби во земјата и во странство. Во 1965 година икони од Охридската колекција биле изложени во Лувр во Париз, Франција; 1971 во Гран Пале во Париз, Франција; 1967 во Националните музеи во Токио и Кјото, Јапонија; 1971 во центарот Скендерија во Сараево, Босна и Херцеговина; 1986 во Ватиканските Музеи во Ватикан; 1987 во Музејски Простор во Загреб, Хрватска ; 1999 во Националниот музеј во Термите Клини во Париз, Франција; 2000 во Арсеналот во Музејот Чарторишки во Краков, Полска; 1999 во Националниот музеј Палацо Венеција во Рим, Италија; 2000-2001 во Епикопскиот музеј во Падова, Италија; 2004 во Музејот Метрополитен во Њујорк, САД; 2008-2009 во Кралската Академија на уметностите во Лондон, Велика Британија; 2011 во Музејот Катарајнеконвент во Утрехт, Холандија ; 2016 во Понтификалниот Универзитет Урбаниана во Ватикан. Во земјата, Одделот за иконопис при ова одделение ги има реализирано следните изложби:

“Големите Празници во Охридскиот иконопис од XV до XIX век”, во 1998 година во Куќата на Робевци во Охрид; “Од Охридскиот опус на Дичо Зограф”, во 1999 година во Куќата на Робевци во Охрид, пренесена и во музеите во Струмица и Штип; “Претставите на Исус Христос и Богородица во Охридскиот иконопис”, во 2000 година во долниот простор на Галеријата на икони-Охрид; “Од Охридските ризници”, во 2001 година во долниот простор на Галеријата на икони-Охрид; “Словенските апостоли Св. Кирил и Методиј”, во 2004 година во долниот простор на Галеријата на икони-Охрид; “Графички Листови XVIII-XIX век од збирката на Музеј Прилеп”, во 2007 година во долниот простор на Галеријата на икони-Охрид. Галерија на современа уметност “Робевци” се наоѓа во куќата на старата, позната Охридска фамилија Робевци. Изложбената дејност од областа на современата уменост започнува во далечните педесети години, со формирањето на Уметничката галерија, а од 1994 година галеријата на современа уметност “Робевци” работи поинтензивно и се ориентира на изложување на дела од современи автори од полето на модерната ументост. Во галеријата имаат изложено над 140 автори, опфаќајки при тоа ликовни уметници од сите генерации, како национални, така и интернационални. Покрај самостојни авторски изложби галеријата има организирано и бројни групни изложби, како и изложби на ликовни колонии. Има остварено изложби од полето на декоративната, уметност како изложба на калиграфија, изложби на репродукции, фотографија, накит, изложби на современи икони, изложби од областа на архитектурата и.т.н.

Библиотека

Уште со самото основање на Народниот Музеј-Охрид во 1951 година, формирана е библиотека кон која е приклучен и книжниот фонд на Заводот за заштита на спомениците на културата со интегрирањето на овие две институции во 1973 година. Денес фондот на стручната библиотека на нашата институција изнесува околу 12.000 наслови и тоа: периодика, списанија, монографски изданија, весници и друг библиотечен материјал, добиени по пат на набавка, размена или подарени од страна на поединци или сродни институции. Библиотеката е од стручен карактер и е отворена за јавност.