Меморијална куќа на Христо Узунов

Меморијална куќа на Христо Узунов

Адреса:
Ул. "Цар Самоил" бр. 45, 6000 Охрид.
Google map

Изградена е во средината на XIX век. Најверојатно ја изградил Христо Узунов или пак Димитар Узунов, познати преродбеници од Охрид. Во оваа куќа се родил (22. 10. 1878) и живеел Христо Узунов, најмаркантна личност во Охридската револуционерна околија и пошироко во Македонија. Во предилинденскиот и поилинденскиот период куќата била централно револуционерно сврталиште. По загинувањето на браќата Андон Узунов (1903) и Христо Узунов (1905) Анастасија Узунова (мајка им) во 1906 година се преселила кај својот единствен жив син Ангеле Узунов во Ќустендил, Бугарија.

По овој период за куќата нема податоци освен тоа дека во 1938(?) година била продадена на семејството Симончеви.

Објектот има подрум со карактеристичен пасаж-во Охрид познат како "темница", приземје и кат, во низа со објекти од староградска архитектура со "темници" на улицата Коста Абраш.

Со одлука на Народниот одбор на општина Охрид во 1953 година куќата е национализирана. На 2 август (Илинден) 1953 година во знак на почит кон ликот и делото на Христо Узунов, на куќата е поставена мермерна спомен-плоча.

Со Решение на Народниот одбор на општина Охрид на 10. 09. 1960 година куќата е предадена на трајно владение на Народниот музеј-Охрид.

Во 1968 година е утврдено својство на споменик на културата на родната куќа на Христо Узунов и нејзиното дворно место, во сопственост на Собранието на општина Охрид, а во владение на Народниот музеј-Охрид.

Од периодот на извршената национапизација до 1970 година во куќата живееле семејствата на Менда Пирузева, Иван Дојчин, Перо Џутески и Наум Рибароски.

Поради лошата состојба на куќата во 1975 година донесена е одлука за факсимилна реконструкција и истата е реализирана во 1977/1978 година. Фасадата е изведена во карактеристичен староградски стил, со еркерно исфрлени катови и богато профилирани венци. Еркерите и челата од венците се опшиени со штици, прозорците се карактеристични, со вертикално поместување и дрвени опшиви.

Во 1982 година во куќата е сместена постојана изложбена поставка под наслов "Национално-ослободителното движење во Охрид и Охридско" и со презентирана спомен-соба на војводата Христо Узунов, која егзистираше до 1989 година.

Во 1996 година куќата е повторно прогласена за споменик на културата заради вредностите кои ги поседува како староградска охридска архитектура. Тогаш таа е и повторно отворена за посетители со нова концепција на постојаната изложба "Национално-ослободителното движење во Охрид и Охридско", со документи и предмети поврзани со Илинденскиот период и воопшто со народноослободителното движење во овој крај, а реконструирана е и една спомен-соба посветена на револуционерот. Покрај постојаната историска поставка, во оваа спомен-куќа во повеќе наврати се организирани и времени изложби од областа на историјата, историјата на уметноста, конзервацијата како и повеќе научни собири и симпозиуми.

© 2017 Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј - Охрид
Developed by Webmaster