Меморијална куќа на Григор Прличев

Меморијална куќа на Григор Прличев

Адреса:
Ул. “Григор Прличев” бр. 66, 6000 Охрид
Работно време:
Се отвара по најава на посетители и манифестации



Google map 


Старата родна куќа на Григор Прличев била изградена најверојатно во првите децении на XIХ век, на југоисточното подножје на повисокиот охридски рид, недалеку од Долни Сарај и од црквата Св. Софија. Имала двор на јужната страна, со убав поглед кон езерото.

Во триесеттите години на XХ век куќата била веќе руинирана, а десетина години подоцна целосно исчезнала од просторот. Доказ за тоа е и фактот што еден од нејзините директни наследници, Кирил Прличев, синот на Григор Прличев, во времето кога работел во Службата на старините во Охрид (1943 година), не живеел во родната куќа, туку во куќата на семејството Ракичевиќ во низинскиот дел на Охрид.

Единствен делумен изглед на родната куќа на Григор Прличев, горниот кат, е скицата на ликовниот уметник Нико Този од 1943 година, што денес се чува во Бугарскиот државен архив во Софија, а е идентификувана и на една разгледница од 1915 година.

Охриѓани го чествуваат ловроносецот Прличев уште од 1952 година на иницијатива на Советот за просвета, наука и култура при Градскиот народен одбор. На една од таквите прослави, во 1997 година била покрената иницијатива за возобновување на родната куќа на поетот, на автентичната локација каде што се наоѓала одамна исчезнатата куќа на Прличев.

Во 1998 година беше ставен камен-темелникот, а две години подоцна, во 2000 година, беа отворени портите на возобновената родна куќа на Григор Прличев. Добротвори и донатори на овој проект беа македонскиот бизнисмен од Скопје, Минчо Јорданов и неговата сопруга Јелица, а автор на проектот за возобновување беше охридскиот архитект Митко Паскали.

Во завршните активности околу возобновувањето на Прличевата куќа активно учествуваше и Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј-Охрид кој концепциски ја осмисли и реализира постојаната музејска поставка во возобновената спомен-куќа на големиот поет и преродбеник, со што куќата стана меморијален музеј и простор со амбиент кој овозможува постојано присуство на Прличевиот дух и простор отворен за одржување на пригодни културни манифестации. Истовремено Заводот и Музеј-Охрид изврши и конзервација и реставрација на гробот на Прличев, на кој беше ставено и соодветно обележје на името на Кирил Прличев, еден од синовитв на поетот, кој бил погребан во гробот на неговиот татко во 1944 година. Така, на 6 февруари 2000 година, на големиот Прличев народен собир, беше отворена возобновената спомен-куќа, односно меморијалниот музеј на Григор Прличев при што донаторите Јорданови свечено го предадоа објектот “во сопственост и натамошна грижа на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид”.