Историска збирка

Збирката на историски предмети со кои располага НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид е oд мешан карактер. Предметите потекнуваат од различни периоди и го отсликуваат историскиот развој на Македонија од крајот на владеењето на Османлиската империја, Преродбата, револуционерните пројави до крајот на Втората Светска војна, животот во СФР Југославија и современиот развој на Република Македонија како независна држава.

Според времето на нивното создавање предметите потекнуваат од XVIII, XIX, XX и XXI век. Збирката содржи оружје, воена опрема и прибор, сфрагистички предмети (печати и отпечатоци), хералдички предмети, фалеристички предмети (одликувања) и други антиквитети.

Таа претставува сведоштво и извор за проучување на повеќе општествени појави, културно-историски прилики и личности. Содржи предмети кои се сведоштва за периодот на турското владеење во XVIII век, како што се личните и семејни печати (мурчиња) на видни Турци, оружје со механизам за палење на барутното полнење на кремен (пушки и кубури), кое во најголем дел е извадено од водите на Охридското езеро и како такво е уникатно по бројот и количината на предмети, по местото на пронаоѓање, а особена реткост претставува пушката за одбрана на бедеми со вкупна должина од 285 см. Од периодот на Преродбата, Збирката содржи предмети поврзани со познатото семејство Робевци, печати од Д-р Константин Робев (1818-1900), како и џебен часовник и учителска покажувалка од поетот и учител Григор Прличев (1830-1893), училишни печати, печат на Охридската црковна општина и др. Од периодот на Илинденското востание најзначајни се предметите (реликвии) поврзани со раководителот на Востанието во Охридската револуционерна околија, војводата Христо Узунов (1878-1905), дел од неговата брада отсечена пред неговото погребение, ќесето за пари кое го носел со себе и бастун-меч кој го носел со себе.

Збирката од периодот на Балканските војни до НОБ содржи оружје, печати од занаетчиски еснафи од Охрид, печати од привремената српска воена болница во Дебар, српски и турски одликувања и други предмети.

Периодот на НОБ во збирката е застапен со повеќе видови оружје кое се употребувало за време на војната, пиштоли, пушки, автомати, пушкомитралези, минофрлачи, меѓу кои најзначаен е пиштолот на командантот на ГШ на НОВ на Македонија-Михајло Апостолски.

Периодот на социјалистичката изградба и најновото време е застапен со различни знаменца, ленти и знамиња, плакети, медали и ордени што се добивале при организираните работни акции низ СФР Југославија, пехари освоени на спортските југословенски младински игри, државни знамиња на СФР Југославија и СР Македонија, знаме на здружението на граѓани “Христо Узунов”, печати и.т.н.

Најголемиот дел од предметите кои припаѓаат на збирката се сместени во депо, педесет и девет се изложени во музејската поставка на Спомен куќата на Христо Узунов, четири се изложени во поставката на Спомен куќата на Григор Прличев и шест предмети се времено отстапени за потребите на НУ Музеј на Македонската борба за државност и самостојност, во Скопје.

Историските предмети во Збирката на Историски предмети се од различно потекло. Некои се пронајдени при разни теренски истражувања, има предмети кои се донација од Воениот музеј Скопје, неколку предмети се откупени а најмногу се подарок од наследници на лицата во чија сопственост биле или, поретко, лично од лицата на кои им припаѓале.