Икони, литургиски и други предмети

Оваа збирка, една од највредните и најзначајните, не само во Охрид и Македонија, туку и во светски рамки, покрај икони, содржи и делови од црковен мобилијар, црковни везови и богослужбени предмети од византискиот, поствизантискиот и периодот на преродбата во Македонија.

Најзначајните икони, кои се всушност и јадро на збирката, се изложени во постојаната поставка на Галеријата, а преостанатите, заедно со другите предмети се чуваат во депото.

Хронолошката припадност на делата е од средината на XI до првите децении на XX век.

На иконите се насликани Богородица, Исус Христос и разни други светители, како и сцени и настани од христијанската историја. Некои од нив се дополнително украсени со богато орнаментирани сребрени опкови, изработени во разни техники.

Останатите предмети во збирката се работени од разни други материјали (дрво, метал, текстил, стакло) и во разни техники. Автор¬ството е познато само на мал број од делата, но сепак некои можат да се атрибуираат на одредени зографи како: Евтихиј, еден од сликарите на Св. Богородица Перивлепта, анонимните зографи од работилницата на Михаил и Евтихиј, Јеромонахот Макариј, Јован Тодоров од Грамоста, јероѓаконот Константин од Шпат, зографот Михаил, јеромонахот Константин, Дичо Зограф и други. Потписи на мајсторите среќаваме и на некои од другите предмети, како што е опковот на едно четвороевангелие, изработен во 1769 година од мајсторот Ангела(риј) и едно сребрено кандило од 1830 година, дело на мајсторот Велјан Рекали.

За вредноста и значењето на збирката зборува и фактот дека нема некоја позначајна светска изложба на византиската уметност на која нема изложено некоја од охридските икони. Посебна карактеристика на збирката е бројноста на икони од времето на "Палеологовската ренесанса" (период кога со Византиската империја владеела династијата на Палеолозите, 1261-1453 година), време на вистински процут на уметноста, особено на иконописот.

Во збирката има и неколку единствени уметнички дела како што се: најстарата икона во Македонија (Св. Василиј Велики и св. Никола од околу 1045/50 година); релјефната дрвена икона од крајот на XIII век со претстава на св. Климент Охридски, единствена во Македонија и една од ретките од тој вид во византиската уметност воопшто, како и единствената сочувана мозаична икона во Македонија, Исус Христос на престол, од XIV век. Значајни се и другите предмети, меѓу кои се издвојуваат резбаните столбови од иконостасот на црквата Мали Св. Врачи од XIV век, најстариот дрвен иконостас во Македонија. Тука е и кадилницата од позлатен бакар и емајл од крајот на XIII или почетокот на XIV век, Евхаристичната гулабица од позлатен бакар, емајл и стаклена паста од XIII век, изработена во Лимож, Франција, како и црковните везови од свилен конец и златни и сребрени нишки кои биле аплицирани на црковните одежди.

Предметите од збирката во најголем дел потекнуваат од црквите во Охрид и неговата околина. Поголемиот дел од иконите биле насликани во зографските работилници во Охрид, некои настанале и во работилниците на зографите во други места во Македонија, па потоа биле донесени во Охрид, а некои, како подароци за охридските цркви, биле донесени од поголемите византиски ликовни центри како Солун и Цариград.

Поголем број од иконите од збирката како и некои други предмети од истата досега биле излагани на бројни меѓународни изложби: неколку пати во Париз, во Националните музеи во Токио и Кјото, во Ватиканските Музеи, Загреб, Националниот Музеј Палацо ди Венеција во Рим, Краков, Диецезалниот Музеј во Падова, Њујорк, Лондон, Утрехт и.т.н.

© 2017 Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј - Охрид
Developed by Webmaster