Изложба "Страст за носталгија" на охридскиот сликар Сашо Блажес

28. 07. 2017 - 10. 08. 2017

Синоќа во Галеријата "Робевци" во Охрид беше отворена шестата самостојна изложба на охридскиот сликар Сашо Блажес, под наслов "Страст за носталгија".

Сашо Блажес е роден во Охрид во 1980 година, а ова е негово трето самостојно претставување пред охридската публика. Покрај петте самостојни изложби, овој ликовен уметник, кој своето образование го оформил на Факултетот за ликовна уметност во Букурешт, Романија (2002-2006), каде што и магистрирал во 2008 година, до сега учествувал на и на голем број групни изложби во земјава и светот.

Неговиот најнов циклус слики, изработени во последните неколку години (2015-2017) се состои од серија портрети кои навидум реферираат на класичниот поим и постапка во нивната изработка. Овие портрети на познати личности и блиски лица се впечатливи преку деконструкцијата на претставениот лик, деконструкција која може да се толкува како преобразување на фактичката појавност преку навлегување во структуралните седименти кои ја конструираат личноста. Самиот автор ја дефинира појавноста во своите претходни дела како "спомени", "огледала на реалноста", "наративи", "различни реалности", претставени преку комбинација на различни колористички апстрактни и/или фигуративни фрагменти.

Притоа, бојата кај Блажес е изразен елемент со своја ликовна и знаковна автономија во решавањето на плохата на сликата и дефинирањето на карактерот на претставената физиономија, а вибрантните колористички решенија асоцираат на поглед во замаглено огледало.

Изложбата ќе трае до 10 август.

© 2017 Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј - Охрид
Developed by Webmaster