Етнолошка збирка

Етнолошката збирка е физички поделена на два дела, но предметите меѓусебно се надополнуваат и испреплетуваат и таа сепак претставува една целина.

Еден дел од етнолошката збирка содржи предмети од народното стопанство, традиционални дрвени предмети од покуќнина, алатки за преработка на текстилни влакна, стилски мебел, традиционални метални предмети од покуќнина, традиционален накит, прибор за пушење, предмети за лична употреба, музички инструменти, предмети од народните обичаи и занаетчиски алати. Според времето на нивното настанување, предметите потекнуваат од XVII, XIX и XX век, а најголемиот дел се датираат во XIX век. Етнолошките предмети потекнуваат од Охрид и охридско, потоа Струга и струшко, Малесија, Дебар, дебарско-мијачката област, Прилеп, Преспа. Збирката содржи и предмети кои се импорт од различни земји: Австрија, Франција, Германија, Бугарија, Персија и Ерусалим.

Во рамки на збирката е и колекцијата од семејството Робевци што брои повеќе од 100 предмети. Се работи за вредни уметнички дела, фотографии, стилски мебел, предмети за лична употреба, покуќнина и друго. Најголемиот дел од нив се презентирани на спомен катот во Куќата на Робевци.

Посебно е значајна и колекцијата на предмети од дрворез: кабинет, розети, стилски мебел-дела на мајсторите од надалеку познатата Охридска резбарска школа создадени во втората половина на XX век. Тие се изложени во ширванот, односно репрезентативната одаја на најгорниот кат од Куќата на Робевци.

Предметите од етнолошката збирка ни зборуваат за едни дамнешни минати времиња, за традицијата, за начинот на живот и обичаите, за старите занаети, за модата на облекување и украсување, за ориенталните, но и влијанијата од западноевропските земји како во градската, така и во руралната култура. Тоа е богато материјално културно наследство што е многу значаен сегмент од идентитетот на нашиот народ.

Другиот дел од етнолошката збирка содржи традиционални предмети од текстил (покуќнина и народна носија), традиционални предмети од керамика, стакло, порцелан и народно стопанство-рибарство. Предметите потекнуваат од XIX и XX век. Главно се од Охридско-струшкиот регион, но можат да се сретнат и предмети и од другите делови во Македонија.

Предметите од текстил-покуќнина содржат сѐ без што не можела да се замисли една охридска куќа во XIX век, но секако од сите тие предмети отскокнуваат охридските ќилими кои си имаат свои посебни карактеристики и како такви се единствени во Македонија.

Збирката од текстил-народна носија ја содржи целосната облека на жената од XIX век, таа богата тешка облека и тоа: кошули, клашеници, скутини. Покрај народната носија збирката изобилува и со предмети од градската облека од типот Ала Турка и Ала Франка.

Традиционалните предмети од керамика, порцелан и стакло, најмногу користени во покуќнината, биле изработени од старите грнчари од Вранештица, Ресен и Струга. Стаклените и порцеланските предмети главно се увезени и биле привилегија на богатиот слој на населението од тоа време како што е пример со фамилијата Робевци.

Предметите кои припаѓаат на рибарството го прикажуваат занаетот кој бил најмногу застапен на Охридско Езеро и реката Црни Дрим.