ПРИРОДНОТО И КУЛТУРНО БОГАТСТВО НА ОХРИДСКИОТ РЕГИОН

Древниот Охрид, жив сведок на културното натпреварување на цивилизациите кои оставиле траен печат за нивното постоење и престојување во овој регион, доминира на Македонскиот брег на Охридското Езеро, горд на својата милениумска историја што го прави еден од најстарите градови на Балканот. Повеќе

Неговите сегашни жители, кои имаат привилегија да живеат во оваа еколошки чиста средина богата со културни вредности, љубоморно ги чуваат и негуваат вековните традиции и од секогаш несебично го споделуваат своето огромно културно-историско наследство со бројните туристи од целиот свет.

Само во поширокиот регион на Охрид има над 250 археолошки локалитети од неолитскиот период, преку антиката па сè до доцниот среден век, потоа, повеќе од 50 цркви и манастири, од V до XIX век, тврдини со бедеми во должина од над 3.000 метри, околу 60 објекти од старата градска архитектура и повеќе од 2.500m2 средновековни фрески и околу 1.000m2 подни мозаици.

Движното културно наследство е застапено со повеќе од 2.000 икони од периодот од XI до XIX век, 119 грчки и словенски ракописи, пишувани на пергамент и хартија, 39 глаголски епиграфски споменици, околу 1.500 ретки и старопечатени книги, како и повеќе илјади други музејски предмети-археолошки, нумизматички, етнолошки, историски документи и дела од современата уметност.

Заради извонредните универзални природни, културни и историски вредности кои се огледаат во вековната синтеза на исконската природа и древното градителско наследство, одамна познато и признаено во светот, Охридското Езеро и градот Охрид со сето свое културно наследство се ставени на листата на Светското наследство на УНЕСКО.

Најпрвин, во 1979 година, Комитетот за светско наследство одлучи во листата на светско наследство, под природниот критериум (III), да влезе и Охридското Езеро, односно делот што ѝ припаѓа на Македонија (тогаш во рамките на СФРЈ).

Наредната, 1980 година, Комитетот одлучи да го прошири заштитеното подрачје на Охрид вклучувајќи ги и културните и историските вредности, според културните критериуми (I), (III) и (IV), под името "Охридскиот регион со неговите културни и историски аспекти и неговата природна околина." На барање на Република Македонија, на Триесеттата седница на Комитетот за светското наследство, во 2006 година, името на заштитеното подрачје на Охрид е изменето во: "Природното и културното наследство на Охридскиот регион". Затвори

ПРЕБАРУВАЈ НАСТАНИ

СИТЕ НАСТАНИ  

НАСТАНИ

© 2017 Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј - Охрид
Developed by Webmaster